Серијата “W223” целосно ќе биде опфатена со струја – во „мека“ хибридна, “plug-in” хибридна и целосно електрична верзија со активно подвозје и управување прилагодено на автономно возење.
Едно од изненадувањата на претстојниот саем во Франкфурт “IAA 2019” кој ќе се одржува од 12-ти до 22-ри септември, би можел да биде концептниот Mercedes-Benz S Class, серија “W223” кој се очекува да пристигне за две години.
Инжинерите од Штутгарт овој автомобил го развиваат на модуларната платформа со заден погон “MRA”, а седмата генерација на “S Class” ќе биде прилагодена и за автономно возење.
Сите верзии ќе имаат „електрична поддршка“, а голем удел ќе има и 48-волтната технологија, додека во палетата на мотори ќе бидат 6-цилиндарските 3.0 и 4.0 V8. Засега не е познато дали Mercedes ќе понуди и дизел мотори, а според германските медиуми, шансите за тоа се 50:50.
Целосно електричната верзија која ќе пристигне малку подоцна, односно во 2022-ра година, ќе ја придвижуваат два електромотори со сила од по 150 kW, на двете осовини. Тоа значи дека погонот ќе биде на сите четири тркала, а автомобилот ќе располага со сила од 406 коњски сили и максимален обртен момент од 700 Nm. Се предвидува дека автономијата со едно полнење на батериите ќе изнесува 500 километри.