Вработените во „1ТВ“ на колективен одмор, не се знае дали ќе се вратат на работа

Макфакс

24/07/2019

21:39

4.839

Големина на фонт

а а а

Вработените во „1ТВ“ од денес се на колективен одмор, а останува неизвесно дали ќе се вратат на работа. Ова следува кога Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го отвори случајот „Рекет“, каде што првоосомничен е Бојан Јовановски, кој се претставуваше како неформален сопственик на телевизијата.

Новинарката Кристина Атовска рече дека вечерашниот дневник можеби е последниот што се емитувал на „1ТВ“.

„Можеби ова е последниот дневник што го гледате. Случувањата поврзани со Бојан Јовановски влијаат на медиумот. ‘1ТВ’ беше цел на лажни вести за да се дискредитира новинарскиот кадар. ‘1ТВ’ во иднина може да биде остварување на професионалните планови на новинарите. Новинарскиот кадар на ‘1ТВ’ се гордее што докажа дека и покрај штетата што си ја нанесуваат на себе, постојат луѓе што ги бранат новинарските стандарди и новинарската професија. Да се надеваме дека ова не е одјава, туку нов почеток за рестартирање на ‘1ТВ’“, рече уредничката на вечерашните вести на телевизијата.

Елена Џугуманова, која исто така го уредуваше вечерашниот централен дневник на телевизијата, рече дека иднината на медиумот е доведена во прашање.

„Иднината на овој медиум, кој почна со емитување на програма од март 2018, е доведена во прашање. Со оваа информација го завршуваме централниот дневник и засега ви велиме довидување“, рече Џугуманова.



Спонзорирани линкови

Маркетинг