Во шумскиот пожар во централна Португалија досега биле повредени 31 лице, а повеќе илјади пожарникари се борат со огнот.
Веќе трети ден во Португалија се борат со шумските пожари. Службата за цивилна заштита соопштила дека биле ангажирани 321 пожарно возило и пет пожарни авиони.
Пожарот брзо напредувал низ густата шума во округот Кастело Бранко, на 200 километри североисточно од Лисабон.
Ниските вечерни температури им помогнале на пожарникарите донекаде да го совладаат пожарот, но властите во текот на попладнето очекуваат раст на температурите и силен ветер. Шумите се суви откако веќе со недели немало дожд.
Летните пожари се вообичаени во Португалија, каде шумите страдаат поради недоволно добро управување и промена на климата, наведува "AP" и додава дека во текот на 2017-та година 106 луѓе загинале во тамошните шумски пожари.