Ако беше жив, денеска ќе наполнеше 34 години: „Секогаш насмеан, кријам и не пуштам ниедна солза...“

Точка

02/07/2019

19:23

14.057

Големина на фонт

а а а

Минатата година, само четири дена после неговиот роденден, јавноста во солзи и неверување ја прими веста за смртта на познатиот пејач, Влатко Илиевски.

Да, речиси една година помина откако го загубивме нашиот Влатче. Неговите најблиски сè уште со тага во очите се присетуваат на убавите мигови поминати со него.


Влатко е роден на 02-ри јули, 1985-та година. На својата 12 годишна возраст почнал да свири на гитара. Својата кариера ја започнал на почетокот на 2000-те години, со групата „Made in Macedonia“, а како што поминуваше времето, Влатко стануваше сè попопуларен, барем на нашите простори.

Во 2001-ва година, македонскиот рок бенд „Морал“ го повикал на аудиција. Истата година тие ги снимиле првите песни, а во почетокот на 2002-ра година, пошироката јавност го запозна Влатко како пејач на бендот со инстант успешниот видео спот на - „Мора да е кошмар".

Влатко од мала возраст знаел што сака и со текот на годините се посветил да оствари сериозна кариера. Иако тој во 2007-ма година ја започнал својата соло-кариера, во која имаше многу познати хитови кои и денес се вртат на македонските плеј листи, Влатко сепак ја остави незавршена својата приказна.

Кобната вечер, на 6-ти јули, само четири дена после прославувањето на својот роденден, ја добивме веста дека Влатко е пронајден мртов во својот автомобил.

Иако голем дел од јавноста се занимаваше со детали за тоа како настанала смртта, дали станува збор за предозираност од алкохол или наркотици, неговите најблиски сакаа ова да е само една лоша шега со која медиумите привлекуваат внимание.


Но, за жал, ова беше една страшна вест која сериозно ги потресе сите оние кои барем малку подобро го познаваа. Влатко беше познат по својата насмевка, својата харизма, искреност, верност, добрина и лојалност.

На крајот, неговите пријатели, барем оние кои му беа најголема поддршка и во најтешките моменти, велат дека докрај ќе му се лутат за тоа што не успеал да се откаже од работи кои, очигледно, го воделе само кон пропаст.

„Секогаш насмеан, кријам и не пуштам ниедна солза, да не им кажам колку сум проклето сам“, е дел од еден негов голем хит, а нам нѝ преостанува да му докажеме дека никогаш нема да го оставиме сам!

Автор: Цеце Николова




Спонзорирани линкови

Маркетинг