Николоски: Во акцијата уапсени се и шест обични службенички и двајца високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

28/06/2019

15:10

3.433

Големина на фонт

а а а

Утрово беше отворена 751. истрага против членови на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи власта е во тешки скандали, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по апсењето на ексминистерот Миле Јанакиески и уште десетина лица, кои се сомничат за проневера на пари.

„Ова е брутален политички напад. Со акцијата, помеѓу другите, лишени се од слобода членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски, претседателот на еден од најголемите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, ОК Аеродром, Дејан Митевски, како и други лица. Во оваа акција власта влегува со директна пресметка со членови на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи и обични службеници. Во акцијата, покрај поранешниот министер, приведени се и 6 жени што работат во разни институции во Република Македонија како обични службенички. Приведени се шест недолжни граѓани на оваа држава – жени, обични службенички што си ја работат својата работа во Катастарот, Министерството, кај нотари и во правобранителството“, изјави Николоски.

Според опозицијата, иако случајот бил најавуван како криминал и корупција, кај ниту еден од оние што било утрово приведени не се најдени нелегално стекнати средства или противправна имотна корист.

„Се работи за толкување управна постапка која може да се толкува на еден или друг начин. Таа од страна на службениците во разните институции може да е изведена правилно или неправилно. Такви ситуации во јавната администрација има секој ден десетици, за нив има начин како се проверуваат. Доколку се правилни, тоа е тоа, доколку има грешка, има соодветна управна постапка во која казната може да е намалување на платата на соодветниот службеник или суспензија од работа. Но, никако понижување со информирање медиуми, со изведување пред истражни судии и определување притвори“, вели Николоски.

Според Николоски, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Аеродром бил приведен со цел да не може да го води ОК во Аеродром зашто на претходните претседателски избори таму бил поразен СДСМ.

„На Златко Марин влакно не му фали на косата, ама Дејан Митевски утрово е приведен зашто бил обичен службеник во Министерството за транспорт и врски, внимавајте – обичен службеник, не бил на никаква раководна позиција, но само зашто е претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, приведен е утрово“, тврди Николоски.

„Или Димитар Димовски, кој од истата оваа сала, од истата говорница пред вас, изминатата недела држеше прес-конференции поради неработењето на Заев и разузданиот градоначалник, неговиот пулен Курто Дудуш, и неправилностите и скандалите во МВР. Затоа ли е приведен Димитар Димовски, затоа ли, за да не може од овде да држи прес-конференции за скандалите на власта, кои секојдневно ги прави?“, праша Николоски.

Тој рече дека имаме ситуација кога се прават спектакуларни акции за нелегален тутун во државата, ама никој не е уапсен, но затоа утрово шест обични службенички и двајца високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ се уапсени на спектакуларен начин поради различно толкување на административните постапки што треба да ги протолкуваат соодветните органи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг