Доцна синоќа, италијански „Скај Спортс“ и угледниот новинар Ди Марцио излегоа со сензационална информација поврзана за враќање на Џанлуиџи Буфон во Јувентус, само една година по незаборавното испраќање кое го имаше од „Алијанц стадионот“ од Торино.
Џиџи пред 12 месеци одлучи да не стави крај на кариерата правејќи трансфер во ПСЖ, но бидејќи етапата во Париз се покажа прекратка за амбициозниот Буфон кој уште не мисли на пензија, во последните неколку недели беше поврзуван со најразлични клубови, за на крајот приказната да се сведе на враќање на местото каде ја доживеа фудбалската слава.
Италијанските медиуми во текот на денешниот ден се преокупирани со оваа сензационална вест, а дека навистина постои ваква идеја сега потврди и агентот на ветеранот, Силвано Мартина.
– Ќе биде навистина убаво ако сето ова се материјализира. „Бјанконерите“ размислуваат на него со оглед на тоа што Перин си заминува. Буфон има 41 година, но се уште изгледа многу добро. Сака се уште да игра фудбал, сака да стои на располагање и да се тестира. Ако оваа прилика се укаже, тој сигурно ќе ја зграби. Засега нема конечен договор, но ќе видиме што ќе се случи. Засега, се е сведено само на идеја и никој не мислеше дека ова ќе се случи. Ќе биде навистина убаво ако договорот се склучи, но стомакот мора да порасне пред да се роди бебето, – порача Мартина за „Спорт Медиасет“.