По драмата во воздух, инцидент меѓу САД и Русија и на море: Блиска средба на воени бродови на Пацификот, руски уништувач со опасен маневар избегнал катастрофа

Точка

07/06/2019

18:14

5.773

Големина на фонт

а а а

Во Тихиот океан за малку ќе дошло до судир на воени бродови на САД и Русија, што предизвикало меѓусебни обвиненија на воените команди на двете земји за предизвикување на инцидентот.

Прва се огласила Руската пацификчка флота, која соопштила дека Москва вложила протест до командата на војската на САД, откако, како што тврди, американски брод го попречила минувањето на уништувачот "Адмирал Виноградов", доближувајќи му се на околу 50 метри. 

Тоа, како што се наведува, го принудило рускиот брод да изведе опасен маневар.

Како што пренесува Tass, инцидентот се случил наутро во 6:35 часот по московско време во југоисточниот дел на Источното кинеско море, кога ударни групи на Руската пацифичка флота и американски бродови оделе во паралелни насоки.

"Американскиот брод "Чанселорсвил" одненадеж ја променил насоката и му го пресекол патот на уништувачот "Адмирал Виноградов" на околу 50 метри од бродот. За да спречи судир, екипажот на "Адмирал Виноградов" бил принуден да изведе итен маневар", се наведува во соопштението од руската флота.

Пацифичката флота додава дека вложила протест до командата на американската војска, оценувајќи дека таквите потези се "неприфатливи". Потоа американската морнарица соопштила дека рускиот уништувач за малку ќе се судрел со американски брод, во, како што навела, Филипинското море, и го осудила инцидентот како "небезбеден и непрофесионален".

"Додека вршеше операции во Филипинското море, рускиот уништувач небезбедно маневрираше против американскиот брод", рекол портпаролот на американската Седма флота, командант Клејтон Дос.



Спонзорирани линкови

Маркетинг