Популарната серија предизвика навала на Чернобил: Сите сакаат да ја видат нуклеарката и градот на духови...

Точка

05/06/2019

11:30

5.674

Големина на фонт

а а а

После големиот успех на мини-серијата на „ХБО“ за чернобилската нуклеарна катастрофа, се поголем број на туристи сакаат да ја посетат електраната и градот на духовите – туристичките тури чинат околу 90 евра.

Успехот на мини-серијата „Чернобил“ чија што тема е најголемата светска нуклеарна катастрофа во Чернобил, денешна Украина, го зголеми бројот на туристи кои што сакаат да ја посетат електраната и градот на духови Припјат кој се наоѓа во близина на електраната.

Една чернобилска туристичка агенција бележи пораст од 40% во резервациите од почетокот на прикажувањето на популарната серија на „ХБО“.


Во април оваа година беше одбележана 33-годишнината од чернобилската катастрофа кога експлодираше 4-тиот реактор после неправилно изведен безбедносен тест и грешка во самиот дизајн на реакторот. Облаци со опасен радиоактивен материјал се прошириле низ цела Европа, до Велика Британија на запад, Шведска на север и Грција на југ.

Минисеријата прикажува што се случувало после хаваријата во нуклеарната централа, операцијата за чистење на подрачјето и истрагата за несреќата. Во градот Припјат кој се наоѓа на неколку километри од електраната, некогаш живееле 50 илјади луѓе, а сега тоа е град на духови.


Сергеј Ииванчук, директор на агенцијата “SoloEast” открива за британската новинска агенција „Ројтерс“ дека неговата компанија бележи 30% зголемување на бројот на туристи кои сакаат да го посетат погоденото подрачје само во мај. Резервациите за јуни, јули и август пораснале за околу 40%. Обиколката на чернобилската област со преведувач чини околу 90 евра по лице.

Јарослав Јемелијаненко од агенцијата “Chernobyl Tour” вели дека очекува пораст од 30% до 40%. Неговата туристичка агенција нуди обиколка на локациите кои се прикажани во серијата, вклучувајќи го и бункерот каде била донесена првичната одлука за забрана за евакуација на населението после катастрофата.


Исто така, има дневни автобуси од 125 километри оддалечениот Киев, а туристите во таа варијанта можат да го видат споменикот на жртвите и напуштените села, а можат да ручаат и во единствениот чернобилски ресторан. Потоа, можат да ја посетат и електраната која од 2017-та година е покриена со 105 метри долга купола, а посетата завршува со прошетка низ Припјат.

„Луѓето доаѓаат ваму, поставуваат многу прашања за ТВ серијата, за сите случувања. Луѓето стануваат се пољубопитни. Во текот на целата посета на забранетата зона во Чернобил, дозата на зрачење изнесува од прилика 2 микросиверти, што е еквивалент на радијацијата која ја добивате во вашиот дом во текот на 24 часа“, изјави Викторија Брожко, една од туристичките водичи на чернобилските тури.

Денес не постојат официјални податоци околу бројката на мртвите, односно луѓето кои непосредно после катастрофата и годините кои што доаѓале починале од болести поврзани со радијацијата. Белоруска студија проценува дека над 115 илјади луѓе починале од карцином, додека Светската здравствена организација смета дека бројката изнесува околу 9 илјади луѓе.