Вработени во МВР кои работеле на случајот на Бошкоски не знаат кој ја дал наредбата за негово апсење

Макфакс

22/05/2019

12:50

422

Големина на фонт

а а а

Судењето за случајот „Тортура“ кој се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски продолжи со испрашување на сведоци повикани од страна на специјалното јавно обвинителство.

Сите четворица сведоци вработени во одделот за економски криминал и корупција, а кои работеле на случајот рекоа дека не знаат кој го нарачал апсењето на Бошкоски.

Тони Јанкоски кој за време на апсењето на Бошкоски во 2011 бил началник на одделот за економски криминал и корупција во сведочењето истакна дека тој не бил запознаен со предметот, туку само ги потпишал доказите кои биле испратени до јавниот обвинител.

Сведокот Жарко Спасевски кој бил дел од организационата единица при одделот за економски криминал и корупција покрај тоа што рече дека не знае кој го нарачал апсењето на Бошкоски, истакна дека за настанот дознал истиот момент од ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков.

„Не сум запознаен кој дал наредба за апсењето на Бошкоски. За тоа бев телефонски известен, мислам ме извести Митко Чавков од центар за сузбивање на сериозен и организиран криминал . Потоа дадов задача на вработените за обезбедување на доказите на лице место, вршење на претреси. Јас и уште неколку колеги веднаш се упативме на местото кое ни беше посочено, угостителскиот објект ‘Воденица’“, рече Спасевски.

Сведокот Владимир Крстевски кој во 2011 бил главен инспектор на криминалистичка полиција во своето сведочење рече дека учествувал во изготвување на кривичната пријава и лично има доставено службена документација до јавното обвинителство, но исто така не знае кој издал наредба за апсење на Бошкоски. Крстевски одговарајќи на прашање од обвинителот Љубомир Лапе рече дека не знае ниту кој му ги доставувал доказите кои тој подоцна ги препраќал до јавниот обвинител.

Четвртиот сведок кој денеска говореше пред судечкиот совет е Роберт Николов вработен исто така во МВР. Запрашан од обвинителот Лапе што знае за апсењето на Бошкоски, Николов рече дека не бил воопшто запознаен со случајот, дента кога се случило апсењето бил повикан само да го обезбедува просторот околу угостителскиот објект „Воденица“.

„Не знам ништо за случајот. Ден претходно ми беше роденден, донесов торта да ги частам колегите, но тие само ми кажаа дека частењето треба да се одложи бидејќи ќе имаме работа. Веднаш по тоа се упативме кон ‘Воденица’“, рече Николов.

Наредното рочиште за случајот „Тортура“ е закажано за 20 јуни. Обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.



Спонзорирани линкови

Маркетинг