Грешката на пилотите после невремето во кое што влетал авионот е главната причина за падот на авионот „Сухој 100 Суперџет“ на аеродромот Шереметјево во Москва, при што загина 41 лице.
Како што пренесува руски „Комерсант“, повикувајќи се на извори блиски до истрагата, гром удрил во носот на авионот, по што тоа довело до исклучување на електрогенераторот, предизвикувајќи вондредна, но не и катастрофална ситуација.
Споменатиот медиум пренесува дека пилотите при вондредното слетување со авионот извеле опасен маневар и авионот практично отскокнувал од земјата, па поради тоа дошло до несреќата.
Според информациите на „Комерсант“, авионот кој летал од Москва кон Мурманск бил погоден од гром 15 минути после полетувањето во самиот нос од леталото. Поради силното електрично празнење, реагирал заштитниот систем на авионот кој го исклучил генераторот и го префрлил напојувањето со струја на акумулаторите. Поради тоа се исклучил автопилотот и пилотите добиле целосна контрола врз леталото.
Експертите за „Комерсант“ откриле дека со тоа настанала вондредна, но не и катастрофална ситуација. Според нив, пилотите направиле грешка што не ги почитувале упатствата, според кои авионот не мора да слета веднаш. Според упатството на производителот, авионот на кој не му работи генераторот, има доволно време да долета до најблискиот аеродром за да слета, па дури и да направи цел круг околу аеродромот.
Поради тоа, пилотите не прогласиле опасност со зборовите „Меј деј“, туку до контролата на летот сигнализирале „Пан пан“.
Во една таква ситуација, авионот не треба да изведува остри маневри, да не лета побрзо од 520 километри на час и пилотите треба да ја исклучат автоматската контрола на силата на моторот. Исто така, се препорачува „меко“ слетување со брзина не поголема од 1,8 метри во секунда, со цел да се избегнат евентуални оштетувања на авионот.
„Комерсант“ пренесува дека според црната кутија, пилотите успеале да слетаат во вториот обид во склад со тие ограничувања. Но, тие управувајќи рачно ја прелетале очекуваната точка на слетување, па поради тоа започнале нагло да го спуштаат авионот, зајакнувајќи ја силата на моторите и спуштајќи го носот на авионот.
Според експертите, токму тој маневар довел до катастрофа - пожар и уништување на авионот, што резултираше со 41 загубен живот. Авионот слетал со преголема брзина и на сите тркала одеднаш, наместо најпрвин да ја допре пистата со задните тркала. Поради тоа, авионот започнал да отскокнува од пистата, а вториот удар бил со сила од 5Г. Со оглед на тоа што максималната граница која авионот може да ја издржи е 3,75Г, дошло до сериозни оштетувања, односно распаѓање на авионот.
На „Сухој“ авионот крилата не му се откачиле, но затоа задните тркала ги пробиле резервоарите со керозин и сето тоа довело до пожар.
„Комерсант“ исто така пренесува дека пилотите направиле уште една грешка – тоа што се обиделе да го приземјат авионот откако веќе еднаш отскокнал од пистата. Според прирачникот, тие во тој случај требало да ја зголемат брзината и да го подигнат авионот.
Сега останува уште да се утврди кој од двајцата пилоти, Денис Јевдокимов и Максим Кузњецов управувале со авионот при слетувањето. Тоа ќе биде утврдено врз основа на податоците од двата управувачи во авионот.