Вооружени судири во главниот град на Либија, илјадници луѓе бегаат од своите домови

Макфакс

12/04/2019

13:29

1.065

Големина на фонт

а а а

Вооружени престрелки и експлозии одекнуваа и денеска во Триполи во раните утрински часови, додека силите на Либиската национална армија (ЛНА) на генералот Калифа Хафтар ги потиснуваат силите на меѓународно признатата влада околу затворениот меѓународен аеродром во квартот Аин Зара.

Поради борбите меѓу силите на генералот Хафтар и војниците лојални на владата на премиерот Фајез ал Серџ, домовите ги напуштиле околу 9500 луѓе во главниот град, соопштија од ОН.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека подготвува планови во случај илјадници, па дури и стотици илјади луѓе, да станат раселени лица.

Притисокот на Хафтар врз Триполи, во северозападниот дел на Либија е најновиот конфликт во кругот на насилства и хаос кој датира уште од бунтот во 2011 година и соборувањето од власт на Моамер Гадафи.

Војската на Хафтар во својот пробив стигна до јужните предградија на Триполи, на оддалеченост од околу 11 километри од центарот на градот.

Хуманитарната агенција на ОН соопшти дека во последните 24 часа околу 3.500 луѓе ги напуштиле своите домови во Триполи и дека 90 проценти од оние кои требало да бидат евакуирани не може да се префрлат во побезбедни области. Синоќа, Европската унија ги повика силите на ЛНА да ја запрат офанзивата.

Покрај тоа што ги загрозува цивилите, новиот конфликт се заканува да го запре снабдувањето со нафта, да ја зголеми миграција преку Медитеранот во Европа и да ги охрабри исламските милитанти да го искористат хаосот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг