Македонија ја доби лудата драма со Исланд и за првпат во историјата победи во Рејкјавик!

Дерби

10/04/2019

23:59

4.023

Големина на фонт

а а а

Македонската ракометна репрезентација на најдобар можен начин ја отвори новата етапа по завршувањето на Светското првенство во јануари, враќајќи ја вербата меѓу верните фанови на најпопуларниот спорт во нашата земја со драматична победа над Исланд.

Македонија за првпат во својата историја успеа да победи во Рејкјавик, а тоа го направи на навистина луд и несекојдневен начин бидејќи во последните 10 секунди од мечот се случија неверојатни работи. Нашите ракометари имаа напад за победа при резултат 33:33, но на 10-тина секунди пред крајот, судиите досудија пробивање и така им овозможија на домаќините да нападнат за победа. За среќа, Исланд направи техничка грешка во последниот напад за кој беа казнети и со пенал, а Дејан Манасков ја презема одговорноста и од втора успеа да го совлада противничкиот голман за конечни 33:34.

Со овој расплет, Данило Брестовац на најдобар можен начин дебитираше на клупата на најсилната селекција, а од вечерашниот натпревар, единствени лоши беа воведните 15 минути кога домаќините имаа водство од четири гола. Сепак, во продолжението нашите ракометари одиграа на завидно ниво, па во второто полувреме го диктираа темпото и на крајот со доза на голема среќа стигнаа до драгоцена победа во квалификациите за Европското првенство.

Херојот Манасков беше најефикасен со осум постигнати гола, фантастичен беше и Георгиевски кој постигна еден помалку, додека капитенот Лазаров мечот во Рејкјавик го заврши со шест реализации.



Спонзорирани линкови

Маркетинг