Мицкоски: Ние сме во коалиција со народот, а Пендаровски е кандидат избран на мафијашки начин

Макфакс

10/04/2019

19:48

1.616

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг во Сопиште се обрати пред граѓаните, истакнувајќи дека гласот на претседателските избори даден за Стево Пендаровски е всушност глас даден за Зоран Заев бидејќи и самиот Пендаровски изјавил дека е ист како Заев со 102,5 проценти.

Лидерот на опозициската партија вели дека на земјава во моментов најмалку ѝ треба човек како Пендаровски.

„Стево Пендаровски смета дека не ни требала мајка, ни требал татко на нацијата. Најмалку што ни треба во овој момент е ваков татко којшто е 102,5 проценти идентичен, нели и самиот велеше дека е 102,5 проценти идентичен, со најголемиот лажго во поновата историја на Република Македонија. Ние го нарековме принцот на политичките лаги – Зоран Заев, а овој самиот рече дека бил 102,5 проценти идентичен како Зоран Заев. Најмалку што во овој момент на Македонија ѝ треба е еден таков човек“, кажа Мицкоски.

Тој додаде дека Пендаровски е избран на, како што рече, мафијашки начин во скап и луксузен хотел, додека Сиљановска-Давкова е избрана на демократски начин на Конвенција во Струга со огромно мнозинство од страна на делегатите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Зошто тој вели дека е 102,5 проценти ист како Зоран Заев, затоа што на деспотски начин, во мафијашки стил, во еден скап и луксузен скопски хотел беше назначен од страна на Зоран Заев. За разлика од него, ВМРО-ДПМНЕ имаше внатрепартиска дебата, деветмина кандидати се пријавија, делегатите на Конвенцијата во Струга во огромно мнозинство својот глас го дадоа за идниот претседател, а тоа е Гордана Сиљановска-Давкова, и тоа претставува пример на една внатрепартиска демократска дебата“, истакна Мицкоски во Сопиште.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија’ е најголемата коалиција во поновата историја на Македонија бидејќи, како што кажа, коалицираат со народот.

„И тие ќе речат дека ја имале најголемата коалиција во поновата историја во Република Македонија, но повторно лажат, затоа што најголемата коалиција во поновата историја на Република Македонија е ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата ‘За подобра Македонија’ и народот, тој кој што не направил коалиција со народот ниту смее, а ниту, пак, ќе го добие гласот и поддршката од народот за неговиот кандидат во случајот Стево Пендаровски“, нагласи Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг