Бошњаковски: Иванов не може да помилува за „27 април“, ќе ги прекрши законите

Макфакс

10/04/2019

12:15

1.289

Големина на фонт

а а а

Владата тврди дека претседателот Ѓорге Иванов не може да даде помилување за лицата осудени за случајот 27 април. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски вели дека тие не очекуваат претседателот да даде помилување, оти со ваков чекор ќе ги прекрши законите и Уставот.

„Постојат две причини поради кои не може да се води постапката за помилување од страна на шефот на државата. Прво, постапката се води преку Министерството за правда. Не постои законска основа за помилување, без претходна постапка во Министерство за правда. Истовремено избришан е членот 11 од Законот за помилување кој предвидуваше таква постапка од страна на претседателот на државата. Исто така, со укинувачка одлука на Уставниот суд, тој член не е оживеан. Не постои таков инструмент. Со оглед дека се претседателски избори, не може да се дадат помилувања. Во Министерството за правда нема пристигнато барања за помилувања. Се што ќе се направи надвор од овие рамки, би било кршење на законите и Уставот. Не очекуваме дека претседателот би се дрзнал тоа да го направи“, рече портпаролот Бошњаковски.

Семејствата на 14 осудени за настаните од 27 април во Собранието на РСМ поднеле барање за помилување до претседателот Ѓорге Иванов. Барање за помилување поднесено е и за ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој беше осуден на 18 години казна затвор.

Засега непознато е кој го поднел барањето за помилување за ексдиректорот на БЈБ. Адвокатот на Митко Чавков, Сашко Дукоски, за „Макфакс“ вели дека последен пат со Чаков се видел во петокот, но воопшто не разговарале за какво било помилување.

Од кабинетот на претседателот Иванов за „Макфакс“ потврдија дека до петокот во попладневните часови биле доставени повеќе барања за помилувања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг