Арифи: Иванов да излезе и да каже дека нема право да ги помилува осудените за 27 април

Макфакс

09/04/2019

13:26

1.292

Големина на фонт

а а а

Универзитетската професорка Беса Арифи за „Макфакс“ тврди дека претседателот Ѓорге Иванов не може да даде помилување за осудените од крвавиот четврток поради тоа што членот 11 од Законот за помилување кој му дава можност на претседателот да помилува без претходна постапка, односно без потребната процедура која треба да помине низ Министерството за правда, е изземен од Законот уште во 2009 година.

„Правна основа претседателот да даде помилување без претходна постапка не постои. Членот 11 од Законот за помилување врз основа на кој осудените за 27 април бараат помилување еднаш е укинат и не е вратен со законска постапка во Собрание односно не се направени измени што би го вратиле тој член кој е тргнат од страна на Уставниот суд во 2009 година“, вели Арифи.

Според професорката, сега откако се пристигнати барањата за помилување до неговиот Кабинет, Иванов треба да се произнесе и да каже дека нема право на такво нешто.

„Барањата се ништовни, исто како случајот во 2016 година. Претседателот треба да се признесе и да каже дека нема такво право да ги помилува осудените за 27 април“, вели Арифи.

Министерката за правда Рената Десковска вчера во неколку наврати напомена постапката за помилување мора да се води преку Министерството за правда, но до вчера не е пристигнато ниту едно барање за помилување.

Минатата недела до претседателот Ѓорге Иванов, од страна на семејствата на осудените лица за крвавиот четврток пристигнале 14 барања за помилување меѓу кои и за ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков кој е осуден на 18 години затворска казна за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг