Нова граѓанска војна во Либија: Најмалку 49 загинати и над 80 повредени во борбите во Триполи

Точка

09/04/2019

10:06

1.818

Големина на фонт

а а а

Досега најмалку 49 лица го загубија животот во борбите во либиската престолнина Триполи. Според податоците на Обединетите нации, од почетокот на судирите минатата недела, досега се раселени 2,800 лица.

Координаторот на Обединетите нации во Либија, Марија Ривиеро истакна дека поради жестоките судири, службите за итна помош не се во можност да им помогнат на повредените и цивилите. Таа предупреди дека најновите судири дополнително ќе ја влошат ситуацијата во мигрантските кампови во главниот град на Либија.

Министерството за здравство во Триполи соопшти дека само во текот на вчерашниот ден најмалку 25 лица го загубиле животот, а над 80 се повредени, со тоа што од час во час бројот на загинати константно расте.

Меѓу загинатите има борци на двете страни, но и цивили, вклучувајќи и едно цело семејство, соопшти портпаролот на Министерството за здравство.

Од минатата седмица во оваа северноафриканска земја беа обновени судирите откако таканаречената Либиска национална армија предводена од генералот Калифа Хафтар, од истокот тргна кон освојување на главниот град Триполи кој што е под контрола на меѓународно признаената влада на национално единство, предводена од Фајез Сараж.

Од владата во Триполи му возвратија на генералот Хафтар, односно „Новиот Гадафи“ како што го нарекуваат неговите симпатизери, со организирање на операцијата „Вулкан на гневот“ во која ќе се брани либиската престолнина и ќе се „исчисти“ од сите бунтовнички сили.

После падот на Гадафи, земјата влезе во голема нестабилност со две спротиставени влади и низа на вооружени групи кои што се борат за власт и контрола над нафтените полиња. Од летото 2014-та година, земјата политички беше поделена на две влади – самопрогласената на истокот на земјата под контрола на Хафтар и меѓународно признаената влада со седиште во Триполи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг