Судирите во Либија стануваат сѐ пожестоки: Армијата на генералот Хафтар пред Триполи, загинаа над 20 лица

Точка

08/04/2019

09:30

2.649

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на Владата на национално единство на Либија од Триполи, соопшти дека ќе биде организирана контра-офанзива која ќе има за цел да ги исчисти градовите од „нелегитимните сили“, притоа мислејќи на војниците на Хафтар.

Во судирите на силите на меѓународно признаената либиска влада и бунтовничките сили на генералот Калиф Хафтар во близина на главниот град Триполи, само во текот на вчерашниот ден биле убини 21 лице, а 27 биле ранети.

Бунтовничките сили предводени од Хафтар, маршираат од исток во поход на Триполи, со намера да го заземат градот и да ја превземат власта над државата.

Либискиот премиер Фајез Ал Сераж го обвинува Хафтар за обид за воен удар и го предупреди дека бунтовниците ќе се соочат со сериозен отпор на либиските сили. Како што пренесува британски „БиБиСи“, меѓу загинатите синоќа имало и доктор на хуманитарната организација Црвена полумесечина.

Странските држави започнаа со евакуација на своите сили од Либија поради влошувањето на ситуацијата во оваа земја. Од Американската команда за Африка, соопштија дека ќе преместат еден контигент на американски војници, додека од Индија соопштија дека и тие исто така своите сили ќе ги преместат во Тунис.

Припадниците на армијата на генералот Хафтар од таканаречената Либиска народна армија, во саботата пристигнаа до јужните предградија на Триполи со намера да ја срушат владата поддржана од Обединетите нации.

Оваа северноафриканска земја е во хаос од 2011-та година кога бунтовниците го соборија од власт тогашниот претседател Моамер Гадафи.

Сега со земјата која што е богата со нафта и гас управуваат претставници на две влади – владата во Триполи која ја има поддршката на Обединетите нации и владата на истокот на земјата во градот Тобрук која ги поддржува силите на генералот Хафтар.

Хафтар во 2014-та година ги собра поранешните приврзаници на Гадафи и за три години го освои најголемиот град на истокот на земјата – Бенгази. Тој со својата армија во текот на оваа година го освои и југот на земјата каде што има бројни нафтени полиња.



Спонзорирани линкови

Маркетинг