Туск: Можно е кратко одложување на датумот за брегзит, но под еден услов

Макфакс

20/03/2019

20:26

2.171

Големина на фонт

а а а

Лидерите на Европската Унија се спремни да дозволат кратко одложување на датумот за излегување на Велика Британија од Унијата доколку британскиот Парламент позитивно гласа за договорот што Лондон и Брисел веќе го постигнаа, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

„Верувам дека кратко одложување е можно, но под услов (британските пратеници) позитивно да гласаат за договорот за излегување“, рекол Туск.

Додал дека останува отворено прашањето за датумот до кој би се одложил брегзитот.

Британската премиерка, Тереза Меј, денеска побара брегзитот да се одложи до 30 јуни. Некои лидери во Унијата оценија дека тоа е доцна и дека може да предизвика правни и политички последици.

Лидерите на ЕУ за ова прашање ќе разговараат утре на почетокот на дводневниот самит во Брисел.

„Ако тие (лидерите) ги прифатат моите препораки со позитивно гласање во претставничкиот дом (во британскиот Парламент) следната недела, тогаш би можеле да ја формализираме одлуката за одложување во писмена форма“, додал Туск.

Меј рече дека ќе организира и трето гласање за договорот, но не наведе конкретен датум. Британскиот Парламент двапати го одби договорот што таа го постигна со Брисел за излез на Британија од ЕУ.

Брегзитот официјално треба да стапи во сила на 29 март.



Спонзорирани линкови

Маркетинг