Пренџов: Јакимовски не е осомничен за криминал и корупција, туку затоа што премногу работел

Макфакс

20/03/2019

15:53

1.099

Големина на фонт

а а а

Љупчо Пренџов од ГРОМ изјави дека претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски, на кој вчера му беше одреден куќен притвор од страна на Кривичниот суд, не е осомничен за криминал или корупција, туку затоа што премногу работел и премногу направил за граѓаните на општината.

„За Јакимовски вчера беше побаран притвор затоа што булеварот Партинзаски одреди наводно не бил во надлежност на Општина Карпош туку истиот бил во надлежност на Град Скопје и затоа што тој сработел нешто што не била негова работа. За парцелите на Илинденска, пак, МВР кажа многу инфромации кои не се точни, многу факти кои ја даваат целосната слика беа намерно или случајно изоставени. Нам ни е јасно дека нема да им се суди на тие што ништо не работат, туку само на оние кои што многу работеле за своите граѓани. Не си виновен затоа што си виновен, туку затоа што треба да бидеш обвинет. На оваа власт ѝ требаат обвинети, уценети и замолчени политички противници“, рече Пренџов.

Тој истакна дека обвинувањата за делот кај ресторанот „Имес“ се бизарни и дека таму нема никаков случај, односно дека не е сторено ништо противзаконски.

„Тоа обвинување за делот кај ‘Имес’ е многу бизарен, таму нема никаков случај, сè е направено согласно закон. Луѓето си ги искористиле тогашните законски прописи. Ресотран ‘Имес’ не беше времен објект. Во 1964 година таму е направен времен објект од 50 квадрати за потоа во 80-тите и 90-тите години да стане тврда градба легализирана“, рече Пренџов.

Од партијата ГРОМ сметаат дека жардиниерите кои се направени за булеварот Партизански одреди не треба да бидат предмет на истрага на обвинителството бидејќи истите биле направени со добра намера.

„Жардиниерите беа направени од Стевчо Јакимовски со цел да се отстранат сите паркинг-возила по должина на тревникот на булеварот Партизански одреди, да се заштитат пешаците и велосипедистите од сообраќајот, неодговорните возачи и естетски да се разубави најголемиот булевар во државата. На истите овие жардиниери Јакимовски ископа и бунари, постави хидрантска мрежа и секоја година беа засадувани разновидни цветни аранжмани. До доаѓањето на Јакимовски за градоначалник на Карпош на територијата на општината немаше посадено ниту едно цвеќе на јавна површина. Не ни е јасно со изградбата на овие жардиниери и цветни аранжмани што Стевчо Јакимовски направи, а е спротивно од интересите на граѓаните на Карпош“, рече Пренџов.

Јакимовски е осомничен дека во периодот од 2011 до 2017 година заедно со вработени во Општина Карпош легализирал бараки во сопственост на фирми и на тој начин им овозможувале да стекнат државно земјиште по багателни цени.

Станува збор за привремени објекти во општина Карпош, на улицата Илинденска, кои биле во сопственост на фирмите.

Според МВР, компаниите „Гром промет“, ЕМАГ, ДОТ „Мебел“ и физичкото лице Т.Ѓ. побарале утврдување правен статус, односно легализирање на нивните монтажни бараки, кои според законот не се сметаат за бесправно изградени објекти.

Сепак, и покрај ова, Јакимовски и уште четворица вработени во Општината за кои има кривични пријави, на бараките им дале третман на бесправно изградени објекти и дале согласност тие да се вклопат во урбанистичко-планската документација.



Спонзорирани линкови

Маркетинг