Стево Пендаровски е консензуален претседателски кандидат на СДСМ и ДУИ

Нетпрес

01/03/2019

20:51

8.443

Големина на фонт

а а а

Стево Пендаровски е консензуалниот претседателски кандадат на СДСМ, и на коалициските партнери меѓу кои доминира согласноста на ДУИ, за претстојните избори закажани за 21-ви април, одлучи владејачката партија во петокот вечерта по триасовните внатрепартиски консултации.

Раководството на СДСМ претходно вечерва на состанокот ги разгледуваше кандидатурите на 24 кандидати кои се пријавиле на огласот што го распиша партијата и зазело дефинитивен став дека Стево Пендаровски е „најдобриот кандидат во моментов, иако и другите би биле заслужено избрани“.

Пендаровски од почетокот важеше за како еден од посериозните кандидати, кој имаше поддршка и во партијата, но и кај албанските партии. Покрај него, како еден од фаворитите важеше и министрите за надворешни и за внатрешни работи Никола Димитров односно Оливер Спасовски.

Пендаровски, кој важи како натпартиски кандидат, бил посочен како најизгледен кандидат по состанокот во понеделникот на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и челникот на ДУИ, Али Ахмети.

Веднаш по состанокот, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, замина во еден од скопските хотели, каде што го очекуваат лидерите од коалицијата предводена од СДСМ на дополнителни консултации.

Пред средбата со нив, Заев рече дека очекува поддршка од сите и додаде дека останатите фаворити за претседател го прифатиле Пендаровски како претседателски кандидат.

Пендаровски беше кандидат на СДСМ и на претходните избори во 2014 година. Тогаш по првиот изборен круг во водство беше кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот претседатгел Ѓорге Иванов со освоени 448.303 гласови, односно 51,65 отсто, додека второпласиран беше Пендаровски со 326.069 гласови или 37,57 отсто од гласовите на избирачите кои гласале. Во вториот круг Иванов освои 534.910 гласови или 55,28 отсто, а 398.077 гласови или 41,14 отсто освои Пендаровски.

Стево Пендаровски е актуелен национален координатор за подготовка на земјава за членство во НАТО.

Роден е на 3-ти април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, а магистрирал и дикторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје.

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во Политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.

Во периодот 1998/2001 година беше началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството. Од 2001 до 2004 година е Советник за национална безбедност на Претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е Претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е Советник за надворешна политика на Претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.