Хаос во Тирана: Демонстрантите се обидоа да влезат во парламентот – полицијата возврати со солзавец

Точка

27/02/2019

10:46

3.425

Големина на фонт

а а а

Поддржувачите на опозицијата во соседна Албанија синоќа се обидоа да го пробијат полицискиот кордон во Тирана и да упаднат во зградаата на парламентот.

Полицијата одговори со солзавец, додека демонстрантите ги напаѓаа безбедносните сили со разни предмети и петарди.

Демонстрантите повторно синоќа се собраа во албанскиот главен град каде што пред зградата на парламентот започнаа да фрлаат бакљи и да палат автомобилски гуми, со цел да ги спречат пратениците да влезат во зградата.


Покрај демонстрантите, на плоштадот пред зградата на парламентот се наоѓаат и пратеници на опозицијата кои што бараат прекинување на пленарната седница. Како што пренесуваат албанските медиуми, меѓу демонстрантите се наоѓа и претседателот на Демократската партија Љуљзим Баша.

Како што пренесува новинската агенција „АП“, парламентот требаше да заседава во четврток, но седницата беше презакажана за вчера за да се избегнат најавените демонстрации. Поради тоа, поддржувачите на опозицијата го променија планот и ги организираа протестите во текот на вчерашниот ден.


Опозицијата предводена од Демократската партија тврди дека левичарската влада на премиерот Еди Рама е корумпирана и поврзана со организиран криминал. Опозициските пратеници бараат да биде формирана преодна влада и да бидат распишани вондредни избори.

Албанската опозиција инаку од 21-ви февруари не учествува во работата на парламентот, откако лидерот на најголемата опозициска партија – Демократската партија, Љуљзим Баша ги достави потпишаните изјави на пратениците кои што се откажуваат од своите пратенички мандати.


Протестите во Албанија беа одржувани и во текот на целиот изминат месец, а демонстрантите неодамна се обидоа да упаднат и во канцеларијата на претседателот на владата на Албанија, по што дојде до судир со полицијата, при што беа повредени повеќе демонстранти, новинари и полицајци.