Александрова: Бараме домашен притвор за Јанакиески и Ристовски

Макфакс

22/02/2019

13:24

1.526

Големина на фонт

а а а

Пратеничката Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ вчерашниот инцидент во затворот во Шуто Оризари го нарече настан без преседан.

„Се прашуваме како може во 21 век да бидеме сведоци на вакви случувања. Бараме одговорност и побрзо расветлување на случајот. Ги повикуваме министрите за правда и за внатрешни, како и директорот на затворот да си сносат одговорност, наместо да бараат кој прв почнал“, рече Александрова на днешната прес-конференција во Собранието.

Таа побара директорот да си поднесе оставка бидејќи, како што кажа, нема изговори за ваков пропуст.

„Бараме домашен притвор за Јанакиески и Ристовски, чиј живот е загрозен во затворот. Ова покажува дека затворот во Шуто Оризари не функционира. Го повикуваме и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, наместо да се слика со камери и да прави драми, да преземе конкретна реакција. Тој знае дека притвореник не може да се посети без дозвола и сметаме дека синоќешните драматични изјави се само шоу за пред камери“, истакна пратеничката.

Александрова кажа и дека Мицкоски не посетил ниту еден од притворените од 27 април, а сега, како што рече, драми.

Повика и дека крајно време е да се стави крај на ваквите настани и премиерот да седне на маса со сите политички чинители и навистина да почне помирувањето.

Александрова нагласи и дека пратеничката група што се отцепи од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за одземањето на имунитетот на Вељановски.

Исто така, на новинарско прашање на прес-конференцијата пратеничката негираше дека нејзината ќерка била вработена во Фонд за иновации.



Спонзорирани линкови

Маркетинг