Почна уште еден антивладин протест во Тирана

Макфакс

21/02/2019

12:24

2.369

Големина на фонт

а а а

Oбединетата опозиција на Албанија се собра денеска на уште еден антивладин протест барајќи заминување на премиерот Еди Рама и распишување на вонредни парламентарни избори, објавија албанските медиуми.

Протестот почна во 10:00 часот, со палење свеќи и положување цвеќиња пред зградата на парламентот, а пораката од овој перформанс е дека парламентот е мртов.

Опозицијата ја обвини актуелната влада на Еди Рама за крадење изборни гласови, но исто така и за корупција и врски со организираниот криминал.

Опозицијата, исто така, повикува на распишување вонредни парламентарни избори.

Седницата на парламентот што требаше да се одржи денес е откажана.

Зградата на парламентот е опкружена со бодликава жица, а околу зградата се распоредени безбедносни сили.

Како што се наведува, околу зградата на парламентот и на улиците на Тирана, има повеќе од 1.500 припадници на полицајата, специјалните сили и гардата.

На антивладините протести одржани минатиот четврток дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата, па во пресрет на денешниот протест апел за воздржаност упатија албанскиот претседател, Илир Мета, и Амбасадата на САД во Тирана.