Борисов по средбата со Џафери: Бугарија е доследна во својата поддршка за Република Северна Македонија

Макфакс

20/02/2019

17:23

1.127

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Како што информираат од одделението за односи со јавноста, на средбата двајцата соговорници го изразија задоволството за ратификацијата на протоколот за НАТО во бугарскиот парламент.

Била нагласена и одличната соработка меѓу Софија и Скопје во изминатите години, како и напорите на Бугарија за поддршка на нашата држава на европскиот пат и развој.

Џафери нагласи дека Република Северна Македонија е на сигурен пат кон НАТО, а државата посветено работи за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ и исполнување на неопходните реформи и задачи.

„Свесни сме дека ова не е лесен процес, но со сите сили и капацитети Собранието и Владата работат на постигнување на посакуваната цел“, рече тој.

Бугарскиот премиер Борисов истакна дека Бугарија е доследна во својата поддршка за Република Северна Македонија како во 2017 година со потпишување на договорот за добрососедство и за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година така и денеска кога бугарскиот парламент го ратификува протоколот за НАТО.

Во рамките на дводневната посета претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна и со заменик-претседателот на владата на Република Бугарија и шеф на дипломатијата, Екатерина Захариева. На средбата беа нагласени пријателските и добрососедските односи меѓу двете држави.

Захариева го изрази задоволството бидејќи Република Бугарија е меѓу првите држави што го ратификува протоколот за НАТО.



Спонзорирани линкови

Маркетинг