Шекеринска: Немам српски шпиони во кабинетот

Нетпрес

19/02/2019

15:27

3.792

Големина на фонт

а а а

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска негира дека во нејзиниот кабинет, како и во Генералштабот, има воени разузнавачи што соработуваат со разузнавачки служби на земји кои не се членки на НАТО, поради што, наводно, стигнало предупредување од Брисел.

Во изјава за „Независен весник“ министерката објаснила дека по добивањето влезница за членство во НАТО, ние самите сме побарале од меѓународните партнери да ни помогнат во спроведување на ветинг-процедурата врз вработените.

„Ниту НАТО ни испратил тим за ветинг, ниту најавиле, ниту писмено или усно некој побарал од нас да разрешиме или да смениме воени лица на функции, кои наводно соработувале со странски, пред сè со српските служби“, потенцира министерката за одбрана.

Нејзината реакција следува по изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дека се стигнати насоки од НАТО до армијата со предупредување дека во кабинетот на Шекеринска и во Генералштабот има лица кои се на исклучително високи позиции, а се соработници на надворешни странски служби.

„Зборуваме за земји што не се дел од НАТО и затоа Алијансата внимава внатрешните информации да не стигнат до овие земји. Овие функционери мора да бидат отстранети, пензионирани или распоредени на пониски места за Македонија да биде кредибилен партнер“, изјави Николоски.

Еден од оние на кои се алудира е Горан Василевски, кој го презеде военото разузнавање по доаѓањето на власт на СДСМ. Нему во 2012 година му е одземен безбедносниот сертификат, по што се жалеше на второстепена комисија. Поднесе тужба и до Управниот суд, но го изгуби процесот во 2013 година. Во 2017 година е назначен за шеф на военото разузнавање и тогаш повторно го добива безбедносниот сертификат.

„Василевски во изминатите месеци имаше средби со претставници на повеќе служби, и тоа од САД, преку Чешка, до Германија. Доколку партнерите од НАТО сметаа дека тој е соработник на српските служби, значи на земја што не е дел од воениот сојуз, зарем ќе разменуваа информации со него?“, аргументира Шекеринска за „Независен весник“.

Забелешките од тимот на НАТО биле дадени во јануари годинава, и поради тоа во Македонија допатува и помошник-генералниот секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Арнд Лорингхофер. Тој оствари средба со министерката Шекеринска, премиерот Зоран Заев, како и со водството на ВМРО-ДПМНЕ.

На состанокот со Заев, како што соопшти владината служба, Лорингхофер изразил поддршка во насока на реформите и законската легислатива што се носи во делот на професионализација и ефикасност на безбедносните служби. Всушност, добиена е поддршка за законот за издвојување на УБК од МВР, кој е во работна фаза, но се изразува загриженост што се планира формирање на координативно тело што ќе биде под капа на премиерот, поради што се стравува од повторно трупање на моќ во рацете на еден човек.



Спонзорирани линкови

Маркетинг