Мадуро: Венецуелските опозициски лидери ќе бидат изведени пред лицето на правдата

Макфакс

14/02/2019

09:21

1.011

Големина на фонт

а а а

Венецуелските опозициски лидери дејствуваат против интересите на венецуелскиот народ и предизвикуваат штета во државата, изјави вчера претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, за телевизијата „Ал Мајадин“.

„Хуан Гуаидо и неговите поддржувачи порано или подоцна ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе понесат одговорност за обидот да ја преземат власта”, рече Мадуро.

Тој додаде дека кризата во Венецуела е организирана од САД.

„Тие [опозициски лидери] се марионети што ѝ служат на екстремистичката администрација на Доналд Трамп, која сака да ја колонизира Венецуела. Т.н. хуманитарна интервенција за која САД зборува има за цел да ја потчини нашата земја и да ги искористи нашите природни ресурси”, истакна Мадуро.

На 23 јануари, претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хуан Гуаидо, се прогласи себеси за привремен претседател. Мадуро го опиша тоа како обид за државен удар и најави прекин на дипломатските односи со САД.

Гуаидо беше признат како привремен претседател од земјите од групата Лима (освен Мексико), како и од Албанија, Грузија, САД и Организацијата на американски држави. Неколку земји од ЕУ излегоа со поддршка за парламентот на Венецуела и изразија надеж за нови избори за решавање на кризата.

Мадуро беше поддржан од Русија, Боливија, Иран, Куба, Никарагва, Ел Салвадор и од Турција. Белорусија и Кина повикаа на решавање на сите прашања по мирен пат и изразија противење за какво било мешање однадвор. Генералниот секретар на ОН повика на дијалог за решавање на кризата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг