Полицијата не ги спроведе Јанакиески и Пепиќ од куќен притвор, одложено рочиштето за „Титаник“

Макфакс

13/02/2019

11:42

1.040

Големина на фонт

а а а

Обвинетите за изборните нерегуларности, Миле Јанакиески и Мумир Пепиќ не беа спроведени од куќен притвор, што беше причина за одложување на денешното рочиште за предметот „Титаник“.

Покрај Јанакиески и Пепиќ на судењето не се појави ни обвинетиот, Едмонд Темелко, за кој неговиот адвокат кажа дека е хоспитализиран, односно дека тој се наоѓа на болничко лекување од седми овој месец.

Судечкиот совет првично, наредното рочиште го закажа на 20 февруари, но на оваа одлука реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој истакна дека на овој датум нема да биде во државата поради службено патување, во својство на шеф на делегација на македонското Собрание во НАТО.

На ова барање на Димовски рочиштето да не се одржи на 20 февруари остро реагираше обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, која посочи дека судот не треба повеќе да ги зема во предвид службените патувања на Димовски, бидејќи ова е втор пат како се одложува рочиште по негово барање.

„Илија Димовски, како пратеник во Собранието на Р.М. ги знае своите обврски, а и однапред го има распоредот за закажаните рочишта во суд. Ова се случува втор пат, во иднина треба да внимава на службените патувања, кој треба да ги прифати, а кои не, со оглед на тоа дека ова е второ барање за одлагање на судење со иста причина. Доколку понатаму во преден план се ставаат патувањата пред рочиштето, ќе го сметаме за намерно одлагање на расправата. Судењето не треба да трпи поради патувањата на Димовски“, ијзави Стефанова.

Судечкиот совет следното рочиште за „Титаник“ го закажа за 27 февруари.

Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг