„Пелагонија“ се дави во ѓубре, 15 вреќи секојдневно се изнесуваат од студентскиот дом

Макфакс

11/02/2019

16:33

1.641

Големина на фонт

а а а

Вработените секојдневно полнат 15 вреќи со ѓубре, кое го собираат од паркот на студентскиот дом „Пелагонија“.

Студентите од прозорците фрлаат сè што им е вишок – од конзерви, најлонски кеси, скапано овошје, догорчиња од цигари, па сè до стара облека и обувки.

„По викенд, дворот е хаос, депонија. Не знаеме што ќе начекаме кога ќе дојдеме на работа во понеделник. Се прават седенки, забави и од прозорците се фрла сè. Не знам што да кажам, но ова на ништо не личи, академски граѓани се, каква порака праќаат до јавноста со вакво однесување“, рече еден од хигиеничарите што чистеше во паркот зад „Пелагонија“.

Друг вработен во домот изјави дека студентите во неколку наврати биле опоменувани и дека ова не е првпат паркот да го претворат во депонија.

„Чинии и виљушки фрлаат одозгора. Ќе удрат некого по глава. Канти имаат на секој ќош. И во собите, и во ходниците и во мензите. Срамота е тоа што го прават.“

Студентите што ги начекавме пред домот го осудија несовесното однесување и признаа дека има канти за ѓубре и доволно контејнери во близина на „Пелагонија“.

„Не е во ред. Не знам кој фрла, но јас моите кеси ги носам во контејнерите тука подолу од домот“.

„Менталитетот ни е таков. Значи. сите фрлаат кај ќе им текне, па тоа го прават и студентите. Не е за оправдување, треба да се поработи на подигање на свеста“, изјавија студентите пред камерата на „Макфакс“.

Фотографии со ѓубрето од Пелагонија беа објавени на социјалните мрежи. Под притисок на јавноста се огласија надлежните. Претпријатието „Комунална хигиена“ најави дека утре ќе почне акција за чистење насобран отпад во дворот на студентскиот дом „Пелагонија“.

„И покрај фактот дека чистењето на ваквите површини не спаѓа во ингеренциите на ЈП „Комунална хигиена“ -Скопје, претпријатието ќе ги спроведе овие активности со цел да се спречи ширењето зарази и да се заштити животната средина“, информираат од таму.

Воедно, градоначалникот на општина Кисела Вода и директорот на домот утре ќе одржат прес-конференција пред студенскиот дом, на која, како што велат во соопшението до медиумите, ќе упателе апел за совесно постапување со отпадот и штетноста од создавањето на дивите депонии кои директно ја загрозуваат животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните.



Спонзорирани линкови

Маркетинг