61-годишна жена починала во неделата на КАРИЛ, од сепса која ја добила од пукнато дебело црево.
Пациентката претходно била препраќана од една клиника на друга, при што било изгубено драгоцено време, тврди извор близок на семејството за “НОВА”. Жената имала силни стомачни болки, но три дена лекарите не успеале да дијагностицираат за што точно станува збор, ниту итно да ја оперираат.
Според зборовите на семејството, таа ноќта ја поминала во болки за утрината да биде однесена во Ургентен центар. Оттаму одбиле да ја хоспитализираат бидејќи немало место. Три дена, сега починатата жена била шетана по болничките ходници за потоа да биде хоспитализирана на Клиника за нефрологија, иако не била за таму. Дури откога бил повикан абдоменален хирург кој препорачал да биде однесена на Клиника за дигестивна хирургија, таа минатата недела во четвртокот била примена, а попладнето и оперирана. По операцијата, пациентката била префрлена на КАРИЛ, каде по три дена починала. Директорот на Клиниката за абдоменална хирургија изјави дека нема зошто да објаснува во медиумите за случајот и тоа ќе го стори само на барање на Министерството за здравство:
“Примена е сабајле кај нас во четвртокот и е оперирана попладнето. Не е шетана од клиника на клиника. Се што треба ќе објаснам на Министерството за здравство, ќе им ја дадеме и потребната медицинска документација. Нема ништо чудно во случајот, секој има право да умре”, рекол Караџов за “НОВА”.
Во Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврдуваат дека вршат вонреден инспекциски надзор и го следат процесот по кој била лекувана починатата, почнувајќи од матичен лекар па сѐ до КАРИЛ каде што починала.