Дудуш по вчерашниот инцидент: Граѓаните на Шуто Оризари да бидат претпазливи

Макфакс

29/01/2019

17:26

5.639

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, повикува на смиреност кога вчера жители на населбата претепале полицајци мислејќи дека се киднапери.

„Сите сограѓани да останат смирени, да се воздржат од ескалации и да покажат трпение во интерес на успешно спроведување на истражниот процес. Сите релевантни фактори ја следат безбедносната ситуација, која е од круцијална важност за сите сограѓани и работат со цел расветлување на случајот“, вели Дудуш.

Тој порачува дека граѓаните на општината Шуто Оризари треба да бидат претпазливи.

„Доколку граѓаните сметаат дека е потребно да ги придружуваат децата до училиштата и градинките, да го направат тоа, да не го попречуваат редовното присуство на децата во училиштата и градинките и непречено да ги одвиваат секојдневните активности“, додава Дудуш.

Градоначалникот смета дека не постои простор за став и паника.

Вчера, на улицата Индира Ганди биле нападнати полициски службеници кои не биле на должност. Тие со возило пристигнале и биле претепани од страна на жителите во населбата.

„Инцидентот се случил кога малолетничка, наводно, видела дека непознати лица насилно внеле женско лице во комбе, но не знаела за кого станува збор. Тоа му го кажала на возрасен маж, кој пријавил во полиција. Се собрала поголема група граѓани и во тој момент наишло возило во кое имало три лица, од кои двајца полициски службеници од Полициската станица Чаир, кои не биле на работа. Насобраните ги нападнале лицата што биле во возилото и тие се пренесени во болница за укажување лекарска помош“, соопшти МВР вчера.

Со полициските службеници што не биле на работа во возилото имало уште едно лице на 39-годишна возраст. Двајца од нив добиле тешки телесни повреди и биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ и комплексот клиники „Мајка Тереза“. Трите лица се од Долно Блаце.

Во текот на вчерашниот и денешниот ден нема пријава за исчезнато или грабнато лице од ниту едно семејство на подрачјето на Скопје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг