Осми ден драма во Шпанија: Надежта дека 2-годишното дете ќе биде спасено од бунарот се сè помали! Спасувачите: Слабо напредуваме...

Точка

21/01/2019

16:32

3.083

Големина на фонт

а а а

Шпанските службеници соопштиле дека акцијата за спасување на двегодишното дете кое пред осум дена паднало во тесен и длабок бунар на југот на Шпанија слабо напредува.

Акцијата се одвива под многу тешки околности. 

Спасувачите почнале да копаат тунели за да дојдат до детето, но тој процес тешко се одвива поради камењата кои се многу тврди, рекол инженерот кој ја координира акцијата за потрага и спасување, Анхел Гарсија. Планот е да се ископа вертикален тунел длабок 60 метри за да се допре до местото на кое се верува дека се наоѓа детето. Досега се стигнало до 53 метри.

Намерата е после тоа да се ископа хоризонтален тунел и да се дојде до локацијата за која се претпоставува дека се наоѓа детето. Медиумите претходно објавиле дека бунарот е широк само 25 сантиметри, а длабок 100 метри.

Хулен бил виден како влегува во бунарот додека со семејството шетал на приватен имот во Тоталан, кај Малага на југот на Шпанија. Меѓу работите кои спасувачите претходно ги извлекле од бунарот пронајдена е коса, а со ДНК анализа било потврдено дека му припаѓа на детето. Досега, меѓутоа, не биле регистрирани знаци на живот.

Бунарот, кој е премногу тесен за во него да влезе возрасна личност, бил ископан пред еден месец, во текот на работењето за истражување на вода, а после тоа не бил покриен ниту заштитен, наведуваат локалните медиуми.

Пожарникарите со помош на робот-камера минатиот понеделник пронашле кесичка со бомбони која детето ја држело во рака кога исчезнало. Кесичката била пронајдена на длабочина од 75 метри, а спасувачите не можеле опремата да ја спуштат пониско.

Шпанските медиуми објавиле дека родителите на Хулен доживеале уште една семејна трагедија во 2017-та година, кога нивниот 3-годишен син одненадеж починал додека се шетале на плажа во близина на Тоталан.




Спонзорирани линкови

Маркетинг