Џафери: Не чувствувам одговорност, постапив во согласност со надлежностите

Макфакс

15/01/2019

15:03

815

Големина на фонт

а а а

Вчера, во својство на претседател на Собранието, во согласност со моите надлежности, потпишав два указа и ги испратив во „Службен весник“ врз основа на членовите 52 и 75, со обајснување зошто указот е потпишан само од моја страна, рече претседателот на парламентот, Талат Џафери.

Појасни дека првиот е за законот за јазиците, а вториот за ратификација на договорот со Грција.

Џафери во обраќањето повтори дека постапил во согласност со Уставот и законот и не чувствува одговорност.

„Не чувствувам одговорност, сум презел сѐ во рамките на мојата надлежност, му дадов доволно време на претседателот за двата указа, но тој не ја исполни уставаната обврска и јас презедов сѐ во рамките на мојата интитуционална надлежност. Според процедурите, Иванов не го почитува Уставот и со тоа непочитување прави злоутреба на службената положба“, рече Џафери по обвинувањата на опозицијата дека е кривично дело објавувањето на законите во „Службен весник“, без потпис на претседателот на државата.

Џафери законот го чуваше во фиока повеќе од десет месеци бидејќи претседателот Иванов одбиваше да го потпише и по второто гласање, кое беше во март минатата година.

Заедно со Законот за јазиците, Џафери до „Службен весник“ го испратил и Законот за ратификација на договорот со Грција , кој исто така не беше потпишан од претседателот Иванов. Двата документа се објавени во новиот број на „Службен весник“.

Со ова, покрај македонскиот, во институциите службен јазик станува и албанскиот јазик, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг