Комисијата за политички систем даде зелено светло Петров да собира потписи за нов референдум

Макфакс

14/01/2019

13:45

952

Големина на фонт

а а а

Со 8 гласа „за“ и еден „воздржан“, Комисијата за политички систем ја прифати иницијативата на Тодор Петров за собирање потписи за распишување нов референдум за името со прашањето: „Дали сте за Република Северна Македонија“.

Подносителот на иницијативата за нов референдум рече дека со иницијативата граѓаните ќе ја проверат претходно донесената одлука на Собранието на 11 јануари за промена на името во Северна Македонија.

„Со измената на Уставот со амандманот 33 направен е обид за промена на името во согласност со спогодбата Димитров-Коѕијас, која де јуре не постои“, рече Петров.

Тој се повика на референдумот од 30 септември и на заклучокот на Државната изборна комисија, која констатира дека не е донесена одлука.

Иницијативата, според него, е уредна, иницирана по предлог на 179 граѓани и ги исполнува сите услови во согласност со Законот за референдумот.

Самка Ибраимовски рече дека не може да се прават екскурзии и желботеки, кој сака и како сака да бара поправен испит. Според него, тоа што гласале над 600 илјади луѓе на 30 септември го прави референдумот успешен и затоа не требало повторно да има референдум. „Не треба да се прават дополнителни трошоци“. Ибраимовски рече и дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ стои зад предлогот на Тодор Петров.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, рече дека иницијативата е уредна и дека не треба да се шири дискусијата, туку да се задржи расправата за тоа дали предлагачот доставил уредна иницијатива.

Ако претседателот на Собранието даде мислење дека иницијативата на Петров е уредна откако ќе ја извести ДИК, подносителот има рок од три месеци да собира потписи. Петров очекува постапката за собирање потписи да почне од 15 февруари.