Светските лидери му честитаат на Заев: Го поддржуваме договорот, одвај чекаме да ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија во НАТО

Макфакс

11/01/2019

20:53

2.915

Големина на фонт

а а а

Откако пратениците ги изгласаа уставните измени, со 81 глас “за” и ниту еден против и воздржан, не стивнуваат честитките до премиерот Зоран Заев.

Столтенберг: Му честитам на Заев за гласањето во Собранието 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, преку својот профил на „Твитер“ му честита на македонскиот премиер Зоран Заев за изгласувањето на уставните измени вечерва во Собранието.

„Му честитам на премиерот Зоран Заев за гласањето во Собранието за договорот од Преспа. НАТО го поддржува целосното имплементирање на договорот, кој е важен за стабилен и напреден регион“, порача Столтенберг преку социјалната мрежа.

Хан и Могерини: ЕУ силно го поддржува договорот

Хан и Могерини со честитки: ЕУ силно го поддржува договоротОбјавено пред 28 минути - 11 јануари, 2019Од Макфакс

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, и комесарот за пристапни преговори, Јоханес Хан, ги честитаа усвоените уставни измени за примена на преспанскиот договор со Грција, а кои ја вклучуваат промената на името во Република Северна Македонија.

„Му честитаме на парламентот на изгласувањето на уставните измени. Тоа е важен чекор во имплементацијата на историскиот преспански договор“, се наведува во реакцијата на Могерини и Хан.

Двајцата високи претставници на ЕУ оценуваат дека македонските политички лидери и граѓани покажале одлучност да ја искористат единствената и историска можност за решавање еден од најстарите проблеми во регионот и одлучно да тргнат на патот кон ЕУ.

„ЕУ силно го поддржува овој договор, кој е пример за помирувањето во регионот и цела Европа“, истакнаа Могерини и Хан.

Нагласија дека се во исчекување на целосна примена на преспанскиот договор постигнат помеѓу Атина и Скопје за идното име на Македонија.

Бејли: Со нетрпение чекаме да ѝ посакаме добредојде на Република Северна Македонија во НАТО

Македонија донесе историска одлука. Вашето Собрание гласаше за да ги усвои уставните измени што се потребни за да се имплементира Договорот од Преспа со Грција, рече американскиот амбасадор Џес Бејли во неговото обраќање по усвојувањето на уставните измени.

„САД ја поздравуваат одлуката на вашите избрани претставници. Кога процесот ќе заврши со ратификување од страна на Грција, овој Договор конечно ќе го реши спорот со името, што предолго ги спречуваше граѓаните на Македонија да ги реализираат своите цели за членство во НАТО и во Европската Унија“, рече Бејли.

Тој ги поздрави лидерите во владата и Собранието поради нивната визија, храброст и истрајност во барањето на решение и ставањето на долгорочните стратешки интереси на земјата на прво место.

„Со нетрпение чекаме да ѝ посакаме добредојде на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО и да го продолжиме нашето цврсто партнерство со вас во унапредувањето на стабилноста и просперитетот овде и во целиот регион“, рече Бејли.

Хант: Ова е историски ден за Македонија

Обединетото Кралство силно го поздравува денешното гласање во парламентот на Македонија за поддршка на спроведувањето на договорот од Преспа. Ова е историски момент за Македонија, изјави британскиот секретар за надворешни работи, Џереми Хант.

Се надеваме, додаде тој, дека договорот ќе биде ратификуван од грчкиот парламент. Со ова, вели Хант, се става крај на долгодишниот спор меѓу двете земји и се отвора патот на Македонија да напредува кон членството во ЕУ и НАТО. 

„Ова е голем чекор напред кон решавање на долгогодишниот спор за името со Грција и ја доближува земјата до побезбедна, постабилна и просперитетна иднина во срцето на евро-атлантската заедница. Спроведувањето на договорот ќе отвори поголеми можности за младите луѓе од Македонија и покажува што може да се постигне со храброст, одлучност и визија за иднината“, наведува Хант.


Ципрас му честита на Заев

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, му честита на својот колега, Зоран Заев за исходот од парламентарното гласање за уставните измени поврзани со договорот за името со Грција, соопшти кабинетот на Ципрас, пренесе весникот „Катимерини“.

„Премиерот Алексис Ципрас контактираше со премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев и му честиташе за успешното завршување на процесот на ревизија на Уставот, врз основа на Договорот од Преспа“, соопшти кабинетот на Ципрас.

Во Собранието вечерва, со 81 глас, пратениците ги изгласаа уставните амандмани. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на собраниската седница.




Спонзорирани линкови

Маркетинг