Седум нови случаи на деца заболени од морбили

Макфакс

10/01/2019

14:52

805

Големина на фонт

а а а

Денеска до 13 часот на Инфективната клиника во Скопје се примени седум деца на возраст од 2 години. Сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје и ја посетувале детската градинка „Сонце“, извести Министерството за здравство.

За сите нови седум пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Досега се заболени вкупно 8 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП-вакцината. Од Министерството велат дека во групата имало 28 деца, сите невакцинирани.

„Од 16 декември до денеска вкупно 22 лица биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица сè уште се хоспитализирани, а 9 се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци , а најстариот има 33 години од Скопје. Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче од општина Аеродром – вкупно 9 деца“, велат од Министерството за здравство.

Од вкупниот број заболени, 8 пациенти од Скопје биле со полесна клиничка слика и се на домашно лекување.

Според податоците од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои се сомневале или потврдиле дека се заболени од морбили.

Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1 692 лица, а само денес до 13 часот вакцинирани се 85 деца.

Министерството уште еднаш повикува на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили и има доволно количини од МРП-вакцините.

„Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење“, објаснуваат од Министерството за здравство.

Во исто време во Министерството за здравство во тек е истрагата за погрешните декларации на вакцините за кои алармираа загрижени родители откако забележаа дека на амабалажата стои изминат рок на вакцините.



Спонзорирани линкови

Маркетинг