Неодамешното прогласување на епидемија на морбили (МРП), односно мали сипаници и донесената мерка од страна на Министерството за здравство со која се забранува децата што не се вакцинирани за оваа болест да се носат во градинките во Скопје, предизвика лавина од реакции помеѓу загрижените граѓани.
За таа цел, решивме поопширно да се позанимаваме со оваа тема која периодов е актуелна во јавноста.
Морбили или мали сипаници е инфективна болест на респираторниот систем, предизвикана од вирус од групата миксовируси (Morbilivirus). Болеста најчесто ги опфаќа малите деца, при што не се исклучуваат ниту бебињата, иако тие во првите шест месеци од животот се заштитени преку мајчинскиот имунитет.
Најчести симптоми на морбили се треска, пропратена со температура повисока од 40 °C, кашлица, течење на носот и воспалени очи. Карактеристично за морбилите е што во устата се појавуваат бели наслаги што се задржуваат два до три дена, а по еден до два дена се јавува осип на кожата со телесна температура од 38 до 40 степени.
Малите сипаници лесно се пренесуваат по воздушно-капков пат, односно преку кашлица и кивање од инфицирани луѓе, а исто така може да се пренесат и преку контакт со плунка или назален секрет.
Девет од десет луѓе кои не се имуни и се во контакт и делат простор со инфицирано лице ќе бидат заразени. Луѓето можат да бидат преносители на вирусот почнувајќи од четири дена пред до четири дена после појавата на осипот. Стекнатиот имунитет е траен, и повеќето луѓе не заболуваат по втор пат. Вирусот може да живее до два часа во надворешната средина и тоа на предмети и површини што даваат можност за индиректно пренесување како детски играчки, загадени предмети и работни површини.
Вакцината против морбили (МРП) е ефикасна во превенција на болеста, и вообичаено се администрира во комбинација со други вакцини. Во развиените земји се врши вакцинирање на децата со две дози, од кои првата на 18- месечна возраст, а втората меѓу четвртата и петтата година од животот. Лицата кои прележале мали сипаници се здобиваат со траен имунитет што ги штити во текот на целиот живот, односно веќе не заболуваат од мали сипаници.
Поради сè поголемата загриженост во светот за поврзаноста на вакцинацијата со аутизмот, научниците во изминатите неколку години направија бројни студии кои го побиваат ваквото тврдење. Во една таква студија, тим научници собрал податоци од пет кохортни студии кои вклучувале 1,256,407 деца и пет истражувања кои вклучувале 9,920 деца. Резултатите од опширната студија не покажале никаква поврзаност помеѓу вакцината против морбили и аутизмот.
Докторите предупредуваат на опасноста од одбегнување на вакцинацијата бидејќи со тоа се зголемува бројот на заболени лица.
“Опасно е затоа што имаме многу случаи кога се избегнува вакцинацијата против мали сипаници, или МРП-вакцината (за морбили, рубеола, паротитис). Малите сипаници се шират многу брзо. Ако, на пример, се вакцинирани 90 од 100, вирусот ќе запре да се шири кај некој вакциниран. Ако имаме 30 невакцинирани, пак, ќе се шири” – вели д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје, за порталот “Деца”.
Во Македонија имало висок опфат на вакцинирани деца сè до појавата на антивакцинални кампањи што пропагираат дека вакцините се штетни и предизвикуваат цела низа опасни и смртоносни болести, а најчеста тема на разговор во последниот период е поврзаноста на вакцините со аутизмот.
Д-р Ангелчо Андоновски во интервју за Точка ја објаснува појавата како и вакцинирани деца имаат морбили:
“Нема докази дека вакцините се штетни, но има безброј докази дека со сигурност ќе се разболите доколку не се вакцинирате. Дури и вакцинираното дете може да пројави појава на сипаници поради контакт со веќе контагиозно друго дете, но со една огромна разлика - имунолошката реакција и манифестацијата на истата ќе биде многу блага дури и неприметлива во споредба со сите оние други опасни состојби кои се јавуваат кај невакцинираното дете”.
Д-р Соња Ралева, за “Женски магазин” вели дека не постојат медицински докази кои ја потврдуваат ваквата поврзаност:
“Контроверзиите и загриженоста околу ова ја предизвика еден труд спроведен во 1998 година од страна на Ендру Њејкфид, објавен во медицинското списание Лансет. Подоцна неговиот труд бил прогласен за сериозен професионален деликт од страна на Генералниот Медицински Совет на Обединетото Кралство. Една данска студија во која учествувале 537.303 деца во 2002 година даде силни докази против каква било поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот. За сите овие деца не постоеше никаква поврзаност меѓу возраста во моментот на вакцинација, времето поминато од вакцинацијата или датумот од една страна и појавата на аутистичност од другата страна. Правени се низа други студиии во кои се споредени стотици илјади деца кои примиле МРП вакцина со оние кои не примиле, па е докажано дека ризикот од аутизам е ист во двете групи. Причините за аутизмот треба да се бараат на друго место”, вели д-р Ралева.
На ова прашање проговори и министерот за здравство, Венко Филипче, кој во разговор за “1ТВ” изјави дека темелните рандомизирани студии се доказ дека нема апсолутно никаква поврзаност помеѓу аутизмот и оваа вакцина.
“Антивакциналните кампањи почнаа пред 10 години кога се публикуваше труд во кој имаше релација меѓу малите сипанци и аутизмот. Потоа испадна дека се лажни, но бељата веќе беше направена. Почнаа силните кампањи кои пред се се темелат со тоа што оваа вакцина се поврзува со аутизам. Потоа се направија голем број студии и сите докажаа дека нема никаква поврзаност меѓу аутизамот и оваа вакцина. За жал овие кампањи се многу изразени кај нас и во европските земји. Не смееме да дозволиме, имаме серозна одговорност да не ги вратиме болестите кои се искоренети и кои може да се превенираат со вакцина”, рече Филипче.
Во светски рамки, во последните неколку години се појавија и бројни документарни филмови во кои се тврди дека вакцините се одговорни за зголемениот број случаи со аутизам, а еден таков документарец кој покрена голем број расправи е “Vaxxed: From Cover-Up to Catastrophe” од 2016 година.
Оваа идеја потекнува од истражување спроведено во 1998 година кое тврди дека 12 пациенти покажале знаци на аутизам откако ја примиле вакцината, но подоцна истражувањето било повлечено бидејќи се утврдило дека е лажно. По документарецот биле направени бројни испитувања, но не била пронајдена никаква врска помеѓу вакцините и аутизмот.
Епидемијата на мали сипаници во Скопје го вклучи алармот. Надлежните предупредуваат дека родителите може да бидат кривично гонети ако продолжат да одбиваат вакцинации за нивните деца.
Министерот Филипче објаснува дека согласно правилникот за имунизација, кога не постои епидемија родителите имаат обврска да ги вакцинираат децата и таа потврда да ја донесат при упис во градинка. Доколку не го направиле тоа, им се заканува казна која се движи помеѓу 350 и 650 евра.
На Фејсбук страницата “Здравје со игла не влегува“, која има над 5.600 подржувачи, се појави отворено писмо кое е упатено токму до министерот за здравство. Во писмото, родителите на невакцинираните деца се закануваат дека ќе повикаат на граѓанска непослушност, односно дека нема да плаќаат данок, а најавуваат и дека ќе отворат градинки и училишта кои ќе можат да ги посетуваат нивните деца.
Во продолжение, Ви пренесуваме дел од текстот кој беше избришан поради навредлива содржина:
“Во недостиг на вистински податоци од регистрираните случаи на морбили и конкретна и релевантна анализа на генотипот на вирусот на морбили, можеби на тој начин успешно го криете фактот дека за вашата епидемија се виновни токму вакцинираните индивидуи и дека “епидемијата“ ви е вакцина – индуцирана.
Ја искористуваме приликава исто да објавиме и повикаме на граѓанска непослушност: ние – родителите на невакцинирани деца од вашата фашистичка Македонија повеќе нема да ви плаќаме данок, нема повеќе да ги користите нашите пари за милионските тендери за купување најевтни ѓубриња од вакцини. Нема повеќе да ви дозволиме да ги користите нашите сопствени пари за наше угнетување!
Ќе покренеме и ќе се ангажираме во изготвување на проект и бизнис планови за отварање на Валдроф градинки и училишта во Македонија, каде дечињата не се малтретирани од вашите фашистички војници, туку нежно се работи на развивање на нивната личност и вистински спообности“, се наведува во писмото.
Извори:
Википедија, National Center for Biotechnology Information, Портал “Деца”, “Женски магазин”, “1ТВ”, Фејсбук страница “Здравје со игла не влегува“.