„Никој не се грижи за нас, како да не постоиме. Починаа луѓе на улица ни држава помогна, никој. Но, сакам да порачам, сите сме од мајка родени и секој од нас има различна приказна како завршил на овој начин“, изјави средовечната Славица, која заедно со неколку бездомници се крие во влезовите на кулите спроти Црвен крст.
Група бездомници секојдневно може да се видат низ градот како спијат на клупа или на послан картон на земја. Оние што ги начека камерата на „Макфакс“, додека граѓански активисти им делеа храна, изјавија дека студентите денови што доаѓаат ќе ги поминат покриени со черга или најлон, во некој напуштен објект.
„Ќе влеземе во некоја спортска обложувалница, малку ќе се згрееме во трговски центар и потоа пак на ладно. Мора да се снаоѓаме некако, ако останеме овде, на клупите, ќе премрзнеме“, додаде друг бездомник.
Образот на хуманоста го белат добронамерните граѓани. Здружението „Љубезност“ организираше акција за собирање храна од рестораните и домаќинставата која за време на празниците ја подели на бездомниците.
„На социјалните мрежи објавивме вишокот храна што ќе остане од празнувањето да не заврши во контејнерите, туку да се донира на гладните.На овој начин сакаме и овие луѓе да се почувствуваат достојно, да имаат, симболично речено, празнична трпеза“, рече Тони Станковски од здружението „Љубезност“.
Станковски рече дека ниту Црвен крст, ниту државните институции имаат прецизна бројка за тоа колку лица живеат без покрив над глава. Додаде дека поднеле иницијатива до Министерството за труд и социјала да се направи анализа и да се мапираат бездомниците за да може да им се пружи потребната помош.








