Точка Календар 2019: Дванаесет згодни момци со кои ќе ја започнеме новата 2019-та

Точка

31/12/2018

10:13

33.011

Големина на фонт

а а а

Точка Календар е проект кој полека, но сигурно прераснува во традиција, па така и оваа 2019 година ќе ја започнеме со календарот на кој се најдоа дванаесет урбани момци. Овогодинешното издание раскажува една нова приказна, со попровокативни пози и доза на привлечна мистичност.

Пред камерата на Точка Календар 2019 позираа момци од различни професионални профили, меѓу кои: Фитнес тренери, музичар, хирург, ТВ водител, брокер, ракометар, триатлонец и како успешно докажани во своите професии, мораме да забележиме дека професионализмот и во улогата на модели беше на навистина високо ниво. Остварувањето на овој проект за нас беше навистина забавно, а се надеваме дека вие ќе уживате во глетките на сите дванаесет месеци од Точка Календар 2019.

Јануари: Енес Хамити / Првак во боди билдинг (27)

Преземи десктоп позадина од Енес Хамити - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Момчето кое го отвора годинешниот календар Точка 2019-та е првак во боди билдинг. Енес поседува исклучително позитивна енергија и непосредност. Роден и израснат е во Тетово, а подоцна се отселил во срцето на Копанхаген, каде сега живее и работи. Тој допатува од Копенхаген специјално за снимањето на Точка каленадар. Иако е веќе добро познат по боди билдингот и фитнесот, вели дека има една голема, сè уште неостварена желба, а тоа е да биде модел и да глуми во музички видео спотови. Тоа што е веќе добро етаблиран низ Европа во однос на неговата професија, придонесува да создаде многу пријателства со луѓе од естрадата и модниот свет.

Февруари: Даниел Симоновски / Менаџер на Кино Карпош (32)

Преземи десктоп позадина од Даниел Симоновски - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Даниел Симоновски е урбан Скопски лик, познат како менаџер на „Кино Карпош“. Дани (како што сите го знаат) е страстен вљубеник во природата, особено планините, па оттаму и неговиот интерес и страст кон скијањето, планинарењето и велосипедизмот. Освен што го менаџира познатото скопско кафуле, тој од неодамна е и на истата функција во Ски Школа со база во Маврово, каде ги минува зимските денови. Иако спортист, Дани не изостанува ни од онаа другата страна на живеењето што значи излегување, дружење, музика... Вели дека сака од сè по малку во животот и дека сè треба да биде избалансирано. Многумина знаат дека тој неодамна ја побара својата девојка за сопруга и како што кажува тој, моментот бил навистина посебен и несекојдневен, но сепак не ни открива повеќе детали.

Март: Марко Савовски / Оперативен менаџер на РК Вардар (36)

Преземи десктоп позадина од Марко Савовски - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Марко Савовски e оперативниот менаџер на ракометниот клуб „Вардар“. Тој беше дел од најблескавите моменти на клубот и нивните победи на првенствата, издвојувајќи го освојувањето на ракометната лига на Шампиони во Келн во 2017-та година како еден од највозбуливите сеќавања. Отмен како и секогаш, комбинирајќи ја класиката со спортските детаљи, на наше големо задоволство Марко е дел од овогодинешниот Точка календар. За тоа да изгледа сè како што треба се грижи и неговата сопруга Тамара, која е модна дизајнерка. Поради честите патувања и долги авионски летови вели дека секогаш има некоја книга со себе, а исто така сака да гледа и филмови, особено акционите. Неговото внимание во моментов го „привлекуваат“ тв сериите, а во моментов најактуелна му е „Peaky Blinders“. Кога се одлучува за книга, тоа се насловите на Гијом Мисо, Орхан Памук, а нам ни ја препорача и „Ловец на Змејови“ од Халед Хосеини.


Април: Стефан Лазаров / ТВ водител (21)

Преземи десктоп позадина од Стефан Лазаров - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Стефан Лазаров е момчето кое јавно го повика и искоментира Сергеј Варошлија на социјалните мрежи. Тој сега е дел од водителската екипа на тв шоуто „Екслузив“ на „1тв“. Токму тој момент го смета како едно од најлудите нешта што ги направил и со што го променил својот живот. Оттогаш има и нови соништа во однос на професијата, но она на кое најмногу работи е да биде подобар човек секој ден и никогаш да не ја загуби светлината во себе. Ја сака емотивноста кај себе, вели тој, и тоа е она што го прави да биде добар човек. Но, секогаш размислува и за доброто на другите луѓе, иако смета дека добрината не се исплати секогаш. Затоа љубовта му е на пиедесталот, без разлика дали е кон девојка, семејство или пријатели. Љубовта ја доживува како нешто највозвишено и наубаво.  

Мај: Даниел Трбогазов / Фитнес Тренер (31)

Преземи десктоп позадина од Даниел Трбогазов - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Даниел Трбогазов е познат фитнес тренер и менаџер на своето студио „Мој тренер“. Даниел е исклучително темпераментен и забавен, а тоа можеше да се почувствува и за време на снимањето на календарот – всушност тој и не можеше да седи на едно место, освен кога требаше да позира. Токму поради таа особина, прецизноста и насоченоста кон она што сака да го постигне, се изгради во еден од најуспешните македонски фитнес тренери. Секако, тука е и дисциплината во вежбањето и исхраната, која се труди да ја инволвира во секојдневието и на неговите клиенти. Покрај спортот, Даниел е вљубеник во фотографијата и често одвојува време за да ја долови убавината на животот со својот апарат.

Јуни: Мартин Поповски / Ракометар (24)

Преземи десктоп позадина од Мартин Поповски - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Мартин Поповски ни доаѓа од Штип и во моментов е еден од најдобрите ракометари на РК „Вардар“. Заради неговата игра, но и заради неговиот изглед тој беше избран да биде модел за новата колекција на познат спортски светски бренд. Мартин е новата сила на клубот, а воедно работи како прогамер и живее во Скопје. Кога ќе му дојде премногу од големиот град, заминува на планина, а кога е во градот тогаш преферира друштво на позитивни луѓе во пријатна атмосфера. Вели дека многу сака да ужива во добра музика и дека е голем вљубеник во животните.

Јули: Стојан Поповски / Триатлонец (34)

Преземи десктоп позадина од Стојан Поповски - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Стојан Поповски е најдобриот македонски триатлонец. Можеме да кажеме дека има многу ведар дух и е многу отворена личност, што е вистинско освежување во денешно време. Покрај професионалното занимавање со триатлон, тој е магистер по спортски менаџмент и дипломиран професор по германски јазик. Годините кои ги поминал занимавајќи се со триатлон, вели Стојан, во држава како нашава, му биле доволно луди. Инаку ни откри и дека е несуден пилот и дека и ден денес има добри познавања во џи-пи-ес системите и метеорологијата.

Август: Бојан Стојанов / Музичар (25)

Преземи десктоп позадина од Бојан Стојанов - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Можеби поретко ке го препознаат по неговото име и презиме, но кога ќе се спомне името Бока Конга , веднаш знаете за кого станува збор. Освен како музичар, одлично функционира и како организатор на настани и забави. Соработката со Бојан беше можеби една од најбрзите фотосесии кои ги работевме до сега. Тој е буквално роден за пред фотоапарат, а за одличната форма на телото, вели дека најголема заслуга има природата. Неговиот интензивен темперамент совршено одговара со професијата, што значи многу енергија и уште толку забава. Од другите нешта кои го интересираат ги издвои: згодните жени, летото, патувањата и неговото милениче - англискиот булдог Ари.

Септември: Виктор Пецев / Модел (26)

Преземи десктоп позадина од Виктор Пецев - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Виктор Пецев е на една од можеби најспецифичните фотографии на календарот. Многу се израдува на нашиот избор да го краси месец Септември, кога е и неговиот роденден. За себе вели дека иако можеби на прв впечаток изгледа строг и можеби темпераментен, всушност неговиот карактер е многу смирен. Но, едно е сигурно, а тоа е дека Виктор е голем перфекционист и сака се да му е по планот, без отстапки. Оттука е многу критичен не само кон другите, туку и кон себе. Освен како модел, се реализира и како фитнес инструктор и работи со електро-мускулна стимулација. Дел од својот живот го има посветено и на фудбалот. Низ смеа раскажува дека бил многу горд што на шеснаесет годишна возраст ја направил својата прва тетоважа и ја платил со парите кои сам ги собирал од својот џепарлак.  

Октомври: Роберт Стојовски / Специјалист по пластична хирургија (33)

Преземи десктоп позадина од Роберт Стојовски - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Специјалистот по пластична хирургија кој го краси нашиот календар за месец Октомври е речиси 24/7 посветен на професијата, имајќи предвид дека некогаш во денот има и по 13 оперативни зафати. Надвор од работата е сопруг и татко, а зимата е неговиот период кога ги практикува омилените спортови: бордање, скијање и кошарка. Вели дека најголем предизвик и мотив за него е секој ден да биде подобар од претходниот. Отсекогаш бил фасциниран од естетиката и ја избрал токму оваа гранка од хирургијата за да ги направи луѓето посреќни. По тие зафати, ни кажа Роберт, луѓето се полни самодоверба. Вели дека е упорен во сè што прави, па оттаму доаѓа и прецизноста и успехот во она што го работи.

Ноември: Младен Ѓуроски / Менаџер на Бизнис Лига (38)

Преземи десктоп позадина од Младен Ѓуроски - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Младен Ѓуроски е менаџер на „Бизнис лига“ Македонија. За него може да кажеме дека има многу уникатен и препознатлив стил на облекување, кој е инспириран од светските арт модни трендови. Младен сам ги дизајнира оделата и панталоните кои ги носи, а ги шие во селото Врапчиште, каде вели дека се наоѓаат најдобрите кројачи и шивачи. Негов роден град е Гостивар, во чија близина е и неговата омилена дестинација во зимските месеци, Маврово, каде скија со пријателите уште од дете, па и денес. Спустовите по Бистра и чајот на Бачило вели не може да ги замени ништо.  

Декември: Горан Ѓорѓев / Осигурителен брокер и финансиски консултант (33)

Преземи десктоп позадина од Горан Ѓорѓев - ВО БОЈА или ЦРНО БЕЛА

Осигурителен брокер и финансиски консултант. За своите години тој веќе има јасно поставени животни цели, особено за професијата. Се држи до секојдневниот распоред, односно има дисциплина во однос на многу активности, бидејќи смета дека само така може да се постигне целта кон која се стреми. Секое утро спортува, а како поранешен кошаркар, неретко изигрува и по некој натпревар со пријателите. Неговата професија ја смета за хумана, бидејќи со својата работа на луѓето им помага да ги решат финансиските проблеми и им дава можност да изградат сопствен бизнис. Не ги изуми девојките и да спомене дека сака откачени, забавни, самоуверени, самостојни девојки, кои имаат визија. Малкумина знаат дека Горан свири пијано уште од мали нозе и дека обожува да игра тенис. 

Организација на Точка Календар 2019:

Проект менаџер: Гордана Настевска Манасијеска
Фотограф: Бојан Стоилковски
Организација и маркетинг: Агнеза Михајлова
Шминка и фризура: Марина Станковска, студио „Инфинито“
Локации: арт кафе и кино „Котур“, хотел и ресторан „Сенигалиа“ и хибрид бар „Буковски“



Спонзорирани линкови

Маркетинг