Давидовиќ: Правна завршница за 27 април нема да има

Макфакс

21/12/2018

16:47

1.525

Големина на фонт

а а а

Спорно за законот е дека тој не дава правни одговори, туку истиот е политичка одлука на партиите кои се договориле помеѓу себе. Вистинска правна завршница за 27 април нема да има за жал. Ние правниците сакаме со правосудска одлука да се заврши предметот, а не со амнестија, поготово не со ваква. Ова е прв случај каде што амнестијата е селективна. До сега законите за амнестија беа за случувањата во 2001, за хашките предмети и беа опфатени сите.

„Тогаш немаше дилема и немаше селективност во таа политичка волја некого нешто да му се прости, вели Звонко Давидовиќ, адвокат на обвинетите Александар Василевски Нинџа и полицискиот службеник Душко Лазаров. -Долго време во Република Македонија имаше протести против селективна правда и двојни аршини, за жал овој закон е таков. Интересно е она што во членот 2 се наведува дека решение за амнестија според овој закон ги донесува судот кој ја донел првстепената одлука, а ние првостепена одлука немаме во овој предмет. Прашање е кога ќе има, тоа е една од мааните на овој закон“, вели Давидовиќ.

Давидовиќ рече дека се уште не знае дали ќе биде поднесено барање за амнестија за Нинџа и Лазаров бидејќи законот денеска стапил на сила и потребно му е време за да се консултира со обвинетите. Според Давидовиќ категориите кои ги опфаќа законот се различни што дополнително ја компликува целата ситуација околу амнестијата.

„Според член 1 став 3, Законот за амнестија не опфаќа луѓе за кои постои основано сомнение дека подготвувале-организирале настани, но во вршење на кривично дело здружување за непријателска дејност. Ова не е тој предмет, понатаму ќе има толкувања. Проценка кој каква улога одиграл во случајот некаде може да биде многу јасна, како што е предметот за обид за убиство на Зијадин Села. Таму е јасна ситуацијата и според законот тие лица не може да бидат амнестирани. Во овој предмет кој е квалификуван како терористичко загрозување е проблематично бидејќи не се одвоени делата кој сторил насилство, кој е организатор, кој бил под качулки, а кој не. Тоа остава дискреционо право на обвинителот кој треба да даде мислење и судот да толкуваат за што постои основано сомнение за дел од обвинетите и тоа не е добро“, рече Давидовиќ.

Според адвокатот вистината за 27 април и покрај многуте докази и сведоци се уште не се знае. Она што тој тврди е дека полициската команда била префрлена на партиско-полициската команда и луѓе кои ја злоупотребиле таа моќ.

„Дел од доказите кои сега се изведуваат е дека има телеграма од 27 април на која се бара дополнување од 50 полицајци, но неколку часа подоцна повторно има друга телеграма на која се вели дека не се потребни дополнителен број на службеници. Тоа покажува дека и МВР не ја одиграла својата улога тогаш кога треба и дека ланецот на командуавање и не е така делотворен како што мислеле. МВР падна на тој испит. Чудно е што се не е обвинет министер, прв човек во министерството за внатрешни работи, тоа е непоимливо. Има луѓе од полицијата кои биле внатре во Собранието и одговараат, а не се обвинети луѓето од златна, сребрена и бронзена команда освен Митко Чавков. Тоа исто така е многу чудно“, вели Давидовиќ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг