Обвинетите за “крвавиот четврток” не кажаа дали ќе поднесат барање за амнестија

Макфакс

20/12/2018

11:29

837

Големина на фонт

а а а

Обвинетите за настаните во Собранието од 27 април минатата година, како и нивните адвокати пред почетокот на денешното рочиште не сакаа да кажат дали ќе поднесат барање за амнестија по донесениот закон.

Единствен кој не ги изигнорира камерите беше обвинетиот Горан Ѓошевски Леви, шеф на обезбедувањето на тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Ѓошевски кажа дека се уште не го разгледал детално законот и нема донесено никаква одлука.

Пратеникот Љубен Арнаудов пак на новинарското прашање дали ќе поднесе барање за амнестија, рече дека изјави дава само за 50 евра.

Законот за амнестија со 95 гласа “за”, ниту еден “против” и ниту еден “воздржан” завчера беше изгласан во Собранието. Од кабинетот на претседателот на Собранието велат дека законот е испратен до претседателот Иванов кој треба да го потпише.

Откако законот за амнестија ќе биде потпишан од претседателот и излезе во Службен весник, со што стапува на сила, започнува рокот од 5 дена за поднесување барање за амнестија од страна на обвинетите за 27 април. По барањата во рок од нови 5 дена ќе одлучува судечкиот совет кој го води случајот на чело со судијката Добрила Кацарска.



Спонзорирани линкови

Маркетинг