Миланов: Долго време нема да се одлучи за амнестијата, законот е контроверзен

Макфакс

19/12/2018

15:47

1.423

Големина на фонт

а а а

Од она што го видов за законот за амнестија усвоен во Собранието, сметам дека доста е контраверзен и во неговата примена ќе има некои проблеми, но сметам дека поголемиот дел од луѓето ќе мора да бидат тргнати од постапките, вели адвокатот Еленко Миланов кој застапува тројца обвинети во судскиот процес за настаните во Собранието од 27 април минатата година.

„Има многу проблеми во делот на тоа дека за делото „насилство“ еден дел потпаѓа под законот друг. Треба да се види на каков начин ќе се толкуваат делата затоа што ако одиме по оваа логика на работите нема премногу цврсти докази за многу лица дека неовластено поседувале оружје, нема доволно докази дури и за она дека некои од лица со прикриен идентитет презеле некое дејство на насилство. Вака како што е конципиран законот ќе биде доста контраверзно и долго време нема да се одлучи по барањата кои ќе бидат поднесени“, вели Миланов.

Адвкатот Еленко Миланов во „крвавиот четврток“ ги застапува обвинетите Љупчо Димовски, Игор Дурловски и Мунир Пепиќ. Во однос на нив, Миланов вели дека сите тројца треба да бидат опфатени со законот за амнестија.

„Читајќи го обвинението и дејствијата на обвинетите, сметам дека Љупчо Димовски, Игор Дурловски и Мунир Пепиќ треба и мора да бидат опфатени. Наредбата на Пепиќ не се однесува на Собранието туку за следење на протест. Со самото тоа што лицето го следи протестот, негова обврска е да влезе во Собранието и затоа тој апсолутно нема никакви службени задолжувања и обврски во врска со самото Собрание. Исто така нема врска со постапување на било која полициска единица за да може да биде во оној дел од законот кој се однесува на евентуално злоупотребување на службената положба иако и тој дел сметам дека ќе биде тежок за образложување и на судот и на обвинителството“, рече Миланов.

Откако ќе биде завршена целата постапка со амнестијата, Обвинителството ќе може да прави нов обвинителен акт со оние кои не се опфатени со законот.

„Дали ќе прави преквалификација, како ќе оди и што ќе се прави не знам, но ќе мора да ги отфрли сите лица кои ќе бидат опфатени со законот и нивните докази“, рече Миланов.



Спонзорирани линкови

Маркетинг