Акциите на рударските, автомобилските и нафтените компании денес скокнале, со што придонеле за голем раст на клучните европски индекси, откако лидерите на САД и Кина договориле привремено примирје во тековната трговска војна.
Германскиот индекс DAKS предничел со раст од 2,5 проценти, достигнувајќи највисоко ниво од 14-ти ноември, додека паневропскиот индекс "STOKS 600" скокнал за 1,9 проценти, и на пат е да оствари најголем дневен раст во осум месеци.
Акциите на финансиските институции исто така им пружиле најголем поттик на европските индекси, при што во најголема мера пораснале акциите на банката HSBC, која во голема мерка е изложена во Кина.
Кредиторите од цела Европа го поздравиле примирјето во трговската војна на двете најголеми светски сили, која претходно ги нагризувала перспективите на светскиот економски раст.

Акциите на рударските компании, како што се Антофагаста, Англо Американ и Гленкор, биле меѓу најголемите добитници, со оглед на тоа што оствариле раст од 6,1 процент до 6,9 проценти.
Акциите на автомобилските компании, кои биле под страв од растечките тарифи, пораснале за 4,2 проценти, откако американскиот претседател Доналд Трамп рекол дека Кина прифатила да ги "намали и укине" царините на автомобилите произведени во САД.
Акциите на нафтениот сектор пораснале за 2,6 проценти, бидејќи цените на нафтата скокнале по веста за договорот на САД и Кина.

Цените на нафтата скокнале денес за повеќе од пет проценти, откако САД и Кина договориле тримесечно "примирје" во трговската војна и пред овонеделното заседание на Организацијата на земји извозници на нафта - ОПЕК, и очекуваниот договор за намалено производство.
На скокот на цената на нафтата влијаела и најавата на канадската покраина Алберта дека ќе ги натера произведувачите да го намалат производството за 8,7 проценти или 325.000 барели дневно.
Членките и не-членките на ОПЕК се состануваат на 6-ти декември за да донесат долука за понатамошната политика за производство на тој нафтен картел, а се очекува на тој состанок да се договори сопирање на вишокот на производството, кој ги намалил цените за една од третина од октомври.

САД и Кина постигнале договор во трговскиот спор, според кој во наредните 90 дена ќе бидат сопрени американските планови за кревање на тарифите.
До договорот дошло по вечарата на американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Кси Џинпинг на самитот Г20 во Буенос Аирес.
Трамп се согласил да го одложи планот за кревање на тарифите на 1-ви јануари на 200 милијарди долари вредниот увоз на кинеска роба, додека Кина се согласила да купи значајна количина на земјоделски, енергетски, индустриски и други производи од САД, за да се намали огромниот трговски дефицит на Америка со Кина, соопштила Белата куќа.















