Саудиски извор: Помпео во Саудиска Арабија го однел тајниот американски план како да се заштити принцот Мухамед од обвиненијата за убиството на Кашоги

Точка

23/11/2018

20:51

3.673

Големина на фонт

а а а

Саудискиот крал Салман и неговиот син престолонаследник, Мухамед, се штитат од скандалот поради крвавото убиство на новинарот Џамал Кашоги во конзулатот на тоа кралство во Истанбул, со помош на американски упатства кои им ги донел лично шефот на дипломатијата, Мајк Помпео.

Иако Турција и ЦИА дошле до докази дека принцот Мухамед го наредил убиството на Кашоги, за што постои и снимка, претседателот на САД, Доналд Трамп попрво го довел во прашање кредибилитетот на американските разузнавачи за да ја одбрани Саудиска Арабија, американски сојузник на Блискиот исток. 

Порталот "Mid East Eve", повикувајќи се на добро известен извор во Ријад, пишува дека Помпео лично го донел планот минатиот месец, кога дошол во престолнината на Саудиска Арабија да се состане со кралот Салман и принцот Мухамед, во кој светската јавност го вперува прстот како нарачател и организатор на ликвидацијата.

Тој план вклучува и опција убиството на новинарот да се прикачи на невин член на саудиското кралско семејство, за да се заштити врвот. Тоа лице уште не е избрано, а саудиските лидери ја чуваат таа опција во случај притисокот да стане преголем.

"Не би не изненадило ако тоа се случи", рекол изворот.

Стејт департментот ги негирал овие обвиненија и ги нарекол "сосема погрешни гледиштата за мисијата на секретарот во Саудиска Арабија".

"Јавно зборувавме за нашите цели - раководството на Саудиска Арабија да ја сфати сериозноста со која владата на САД бара брзо и целосно расветлување на убиството на Кашоги", рекла портпаролката на Стејт Департментот, Хедер Науерт.

Меѓутоа, изворот на порталот вели дека Помпео им го предал планот на кралот Салман и принцот Мухамед на 16. октомври, кога се состанал со нив во Ријад, во моментот кога светската јавност почнала будно да го следи случајот Кашоги. Помпео во Ријад дошол точно две седмици откако новинарот и критичар на крунскиот принц, бил убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул на 2. октомври.

Само неколку дена пред Помпео да слета во Ријад, турските службеници откриле дека Кашоги е убиен и распарчен неколку минути откако влегол во конзулатот да добие документи кои му биле потребни за повторно да се ожени.

Во времето на посетата на американскиот државен секретар во Ријад, највисоките службеници на САД, вклучувајќи го и претседателот Трамп, многу малку зборувале за тоа што се случило со Кашоги, кој имал азил во САД кога бил убиен.

Саудискиот извор тврди дека Помпео ги советувал кралот Салман и принцот Мухамед да спроведат "детална и транспарентна" истрага. Неговиот план содржи неколку точки, а Саудијците постапуваат според него. Им дозволиле на турските служби да влезат во конзулатот каде се случило убиството, па се понудиле да и помогнат на Турција во истрагата, и конечно, уапсиле 21 осомничен за ова недело.

Последниот чекор - избор на жртвено јагне меѓу членовите на кралското семејството - се чува во случај жртвувањето на тие 21 осомничен да не биде доволно да се сочува принцот Мухамед.



Спонзорирани линкови

Маркетинг