Кривичен суд: Барањето од Кабинетот на Иванов е директно мешање во независноста на Судот

Макфакс

16/11/2018

18:05

1.524

Големина на фонт

а а а

Во однос на барањето од Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, доставено до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со кое се бара судот да достави службени белешки од МВР – УБК кои се дел од предметот „Титаник“, ја информираме јавноста дека ваквото барање судот не може поинаку да го разбере освен како обид за директно мешање во независноста на Судот, велат од кривичниот суд.

„Во таа смисла, судот денеска достави известување до Кабинетот на претседателот на Р Македонија со кое бара најпрво во однос на ова барање судот да биде известен дали барањето е лично од претседателот или од друго лице во Кабинетот на претседателот кое е потпишано на барањето. Но, воедно истакната е и потребата да се појасни од кои причини се бара на увид службена белешка и од каде претседателот на Р Македонија ја црпи надлежноста да бара увид во судски докази, и тоа во фаза на постапување по поднесен обвинителен акт и определни мерки за обезбедување присуство“, велат од кривичниот суд.

За судот, велат од таму, е важно да се обезбеди и истакне независноста во судското постапување и немешање во судските одлуки.

Кабинетот на претседателот вчера достави барање до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1 за службената белешка на МВР-УБК, која, според Кабинетот на Иванов, е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг