Тодоров се гушка и разговара со демонстрантите кои насилно влегоа во Собранието на 27 април

Макфакс

08/11/2018

15:55

2.287

Големина на фонт

а а а

Денешното рочиште за крвавиот четврток продолжи со емитување на снимките од 27 април направени од медиумите пред влезот на Собранието, во главниот хол и во прес-центарот каде што беа нападнати пратениците.

На една од снимките се гледа како поранешниот министер Никола Тодоров се гушка и поздравува со еден од демонстрантите во холот кај главниот влез на Собранието по што разговара и со други лица кои се влезени во парламентот.

Додека трае упадот низ главната врата од Собранието, се гледа бел чад и како обвинетиот Богдан Илиевски држи говор пред граѓаните, а цело време до него стојат униформирани лица кои не преземаат ништо. Исто така од снимките се гледа и како обвинетиот Владо Јовановски пее заедно со толпата внатре во Собранието.

Помеѓу толпата во холот се наоѓаат и пратениците Крсто Мукоски и Илија Димовски, како и обвинетиот Мунир Пепиќ.

Толпата цело време извикува „живи ќе ве јадеме“, „избори“, „Македонија“, а во еден момент се слуша и женски глас кој ги повикува граѓаните кои излегуваат од Собранието да се вратат назад.

На снимката од прес-центарот може да се забележи обвинетиот Игор Југ, кој се движи кон аголот кон кој се наоѓаат пратениците. Во тој момент маицата одзади му е подигната, а од задниот дел од панталоните му стои некаков предмет.

Во прес-центарот присутни се и лицата со фантомки, меѓу кои и обвинетите Стефан Младеновски и Дејан Давидовски, кој моментално е во бегство.

Денешното рочиште за 27 април порано го напушти обвинителката Вилма Русковска откако ѝ се слоши додека се репродуцираа снимките од крвавиот четврток.



Спонзорирани линкови

Маркетинг