Современото доба донесе многу промени во облекувањето на мажите, па со тоа денес не е задолжително да се појавите на работа во класично темносино, сиво или црно одело.
До 1966 година постоела кежуал (неформална) и бизнис (деловна) облека. И додека неформалната облека се носела за време на викендите и во домашна атмосфера, мажите кои работеле во канцеларија морале да носат одело и вратоврска.
Подоцна една компанија која произведувала хавајски кошули започнала со стратегија со цел да го зголеми својот профит и започнала со брилијантна кампања наречена "Aloha Fridays" која им овозможила на вработените да носат хавајски кошули секој работен петок. Овој тренд станал популарен и набрзо се проширил кон целиот свет.
Веруваме дека многумина од вас одамна го надминаа старомодниот бизнис стил на облекување, а доколку се уште не сте, неопходно е да знаете дека за постигнување на деловно неформалниот стил мора да поседувате памучни маици, поло маици, фармерки, блејзери, вратоврски и одговарачки обувки.
Еве што се' ви е потребно за постигнување на одличниот деловно неформален стил:
Постојат три сакоа кои доаѓаат предвид: првиот е класичен морнарски блејзер, а темносината боја е секогаш подобар избор од црната. За постудените утра одберете сив блејзер од твид, кој одлично се комбинира со кашмирски џемпер или кардиган, а за летниот период одберете памучно сако или блејзер од лен во топла и земјена нијанса.
Одговарачката кошула е неизоставен дел од бизнис кежуал стилот на облекување. Имајте на ум дека треба да бирате модел на кошула кој најмногу му одговара на вашата градба. Фокусирајте се на стандардните бои на кошули како што се бела, светлосина или нежно розова, а подоцна на оваа палета можете да додадете и кошули со линии, коцки или "гингам" верзија.
Секако, панталоните се неизоставен дел од секојдневното облекување, а важно е да споменеме дека деловниот стил дозволува носење на чино панталони и фармерки. Определете се за малку потемен џинс, додека добро е чино панталоните да бидат беж или сиви.
Кога се во прашање чевлите, секој маж мора да поседува барем три пара - мокасини, оксфорд и дерби чевли. Што се однесува до боите, држете се до бордо, темносините и кафеавите нијанси.