Сведоци менувале изјави по налог на осомничениот Томе Главчев во „Поштенска банка“

Макфакс

18/10/2018

18:21

4.711

Големина на фонт

а а а

Специјалното јавно обвинителство во аргументите на жалбата која ја отфрли кривичниот совет на скопска единица, навеле дека барале притвор за осомничениот Томе Главчев, директор на фирмата „Ноел" од Гевгелија, бидејќи влијаел врз двајца осомничени во предистражната постапка, дознава „Макфакс“.

Обвинителството тоа пред судот го аргументирало со записници кои биле доставени, во кои било наведено дека двајцата сведоци дале различен исказ пред СЈО, при распитот во јануари и во мај годинава.

Судот во претходното решение ценел дека влијание за неопределување притвор имале возраста на осомничениот, фактот дека претходно не бил осудуван и дека не се водат постапки против него за други кривични дела.

Судот го ценел фактот дека друштвото „Ноел“ од Гевгелија со кое управува осомничениот Томе Главчев, вработува 800 лица. Според судот, осомничениот соработувал со повеќе деловни партнери во повеќе европски земји. Фактот дека осомничениот нема да избега судот го правда со фактот дека е лице со солидна имотна состојба со голем движен и недвижен имот. Освен тоа, било нотирано дека осомничениот е во работен однос и стопанисува со неговата фирма.

Дополнително и самиот Главчев пред судијата Седат Реџепагиќ ветил дека нема да бега, и дека редовно ќе се јавува на секоја судска покана.

Судијата навел дека инкриминираните дејстивија за кои Главчев е осомничен ги сторил во 2001 година и оттогаш изминал голем временски период, поради што, одедени сведоци не би се сетиле на одредени ситуации. Судијата констатирал дека осомничениот не може да влијае врз доказите, бидејќи, нив ги обезбедило специјалното јавно обвинителство и било изготвено вештачење, па му определил мерка на претпазливост.

Но, судот не го прифатил аргументот на СЈО дека во 2018 година, осомничениот ја напуштил државата повеќе од 40 пати како околност поради која треба да му определи притвор, а адвокатката на Главчев, пак, се изјаснила дека патувањата на нејзиниот клиент биле за да договара соработка со странски фирми.

Кривичниот совет на скопска единица одлучи за осомничените Томе Главчев и ексградоначалникот на Кочани, Ратко Димитриевски, да им ги одземе пасошите како дополнителна мерка, покрај јавувањето во судот еднаш неделно.

СЈО бараше притвор за 2 основи: Oпасност од бегство и влијание врз сведоци. Истрагата е за перење пари и други приноси од казниво дело, а опфатени се девет лица. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од приближно 5 милиони евра.

Експремиерите Љубчо Георгиевски и Никола Груевски и експратеникот и градоначалник, Марјан Ѓорчев куртулија од истрагата поради апсолутна застареност на делото.