Турција: Форензичарите зедоа докази, полиција од утрово во резиденцијата на Конзулот

Макфакс

16/10/2018

12:46

995

Големина на фонт

а а а

Турските истражители кои синоќа и рано утрово вршеа претрес и истрага во саудискиот конзулат во Истанбул, по исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги зедоа докази, меѓу кои примероци од местото на настанот. Турската полиција денеска врши истрага во резиденцијата на конзулот на Саудиска Арабија во Истанбул.

„Турските истражители спроведоа истрага во Конзулатот и со себе зедоа докази кои ги сметаат за неопходни“, изјави за „Ројтерс“ неименуван висок турски функционер, по деветчасовно пребарување во Конзулатот.

Агенцијата пренесува дека турската телевизија НТВ објавила оти во рамки на истрагата за исчезнувањето на Кашоги, полицијата од утрово ја истражува и резиденцијата на саудискиот конзул.

И саудискиот истражен тим што се занимава со исчезнувањето на новинарот утрово го напушти Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул по повеќе од девет часа работа во зградата.

Наводно, Саудиска Арабија подготвува извештај во кој ќе признае дека исчезнатиот новинар бил убиен за време на испитување во саудискиот конзулат во Истанбул, дознава Би-би-си, повикувајќи се на два неименувани извори.

Би-би-си тврди дека новинарот бил убиен по грешка за време на испитувањето.

Вчера новинската агенција „Ројтерс“, повикувајќи се на неименуван извор, соопшти дека Турција има снимка од убиството на саудискиот новинар.



Спонзорирани линкови

Маркетинг