Стоилковски: Заев го менува минатото и ја брише иднината на Македонија

Макфакс

14/10/2018

15:22

2.029

Големина на фонт

а а а

Заев продолжува со манипулациите за измените на Уставот во чиј што текст повеќе нема да смее да се употреби Република Македонија, рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Како што истакна тој, со измените никаде не ќе смее да се употреби Република Македонија, ниту придавките кои произлегуваат од Македонија, како македонски, македонско, македонска.

„Се менува идентитетот, се менува инстуционалниот идентитет со кој што се идентификуваат граѓаните, се менува културата. Зоран Заев го менува минатото и ја брише иднината на Република Македонија“, посочи портпаролот на опозициската партија.

Тој подвлече дека има многу причини зошто Договорот од Преспа е капитулантски и противуставен, а, како што кажа, тоа не е само затоа што граѓаните го отфрлиле на референдум.

„За тоа се свесни и во кабинетот на Зоран Заев, до толку што Министерството за правда се иззема од уставните измени и како надлежен претставник го става министерот Никола Димитров како шеф на МНР што е до сега невидена практика. Измени на Уставот секогаш предлага Министерството за правда, но овој пат министерството одлучи да избега“, рече Стоилковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека од Зоран Заев не може да се очекува ништо повеќе од поттикнување на криминал и продажба на националните и државни интереси и додаде дека крајно време е оваа власт да замине.



Спонзорирани линкови

Маркетинг