Кандидатот на Трамп обвинет за силување мина во Сенатот, утре се очекува конечна одлука за неговата функција во Врховниот суд

Макфакс

05/10/2018

20:23

2.699

Големина на фонт

а а а

Кандидатот на американскиот претседател, Доналд Трамп, за Врховниот суд, Брет Кавано, го мина процедуралното гласање во Сенатот, кој гласаше за ставање крај на расправата за него по што утре, најверојатно, ќе следува и гласањето за негов избор.

Сенатот, со 51 глас „за“ и 49 „против“, ја оконча дебатата и стави крај на напорите на демократите со голем број процедурални забелешки да го одложат изборот, објави агенцијата АП.

Честитки до Сенатот за ваквата одлука упати и претседателот Трамп, кој на „Твитер“ напиша дека многу се гордее на американскиот Сенат поради гласањето „за“.

Сепак, не постои гаранција дека сенаторите што денес гласаа „за“ со цел да се прекине дебатата за Кавано, ќе го поддржат и неговиот избор за доживотната функција судија на Врховниот суд, појаснува АП.

Увереноста на републиканците дека Кавано би можел да ја добие довербата на Сенатот за да стане судија се зголеми во четвртокот по добиените позитивни мислења од двајца неодлучни сенатори за извештајот на ФБИ во однос на обвиненијата против Кавано за сексуално малтретирање.

Имено, Кавано беше обивнет од универзитетската професорка Кристин Бласи Форд за сексуална злоупотреба во 1982 година.

Содржината на извештајот на ФБИ врз основа на кој сенаторите го формирале мислењето не беше објавена, а тие можеле да ја прочитаат зад затворени врати во безбедна просторија на Капитол Хил, без да пишуваат белешки или да копираат делови од неа.